Сите веруваат во Веклер, освен тој самиот
Армстронг и Контадор со поддршка за лидерот на Тур де Франс, но тој смета дека шансите му се нула
Помалку од една седмица до крајот на Тур де Франс само една личност е апсолутно убедена дека Французинот Томас Веклер не може да стигне прв на целта во Париз - самиот Веклер. Носителот на жолтата маичка, кој на Пиринеите се држеше рамо до рамо со најголемите фаворити на Тур, ја доби поддршката од најдобрите велосипедисти, од Ленс Армстронг до Алберто Контадор.
„Веклер е конкурент, сигурно. Неговата форма е неверојатна, а има и голема поддршка од неговиот тим“, изјави трикратниот победник Контадор по завршувањето на 15. етапа до Монпелје во неделата. „Јас сум повеќе минути ��ад него и ќе биде тешко да се надомести тоа“.
Во саботата, кога се возеше последната етапа на Пиринеите, и Армстронг се произнесе за Веклер на „Твитер“: „Ако Веклер денеска се искачи на врвот заедно со водечките, тогаш ќе можеме да кажеме дека тој може да го освои ТдФ. Тој има залиха од две минути и никој не може да го разниша“.
Французинот би требало да биде самоуверен, бидејќи на најблискиот ривал Франк Шлек од Луксембург му бега 1:49 минути, а на Австралиецот Кадел Еванс 2:06 мин. по неделната етапа. Но, самиот Веклер не е толку сигурен во предноста.
„Ми ласка, но, да бидам искрен, не верувам ни малку во тоа“, вели тој. „Сигурно ќе се борам, но не можам да бидам неискрен - сметам дека имам нула шанси да го освојам Тур де Франс“.
Никогаш не бил сметан за голем искачувач или сестран велосипедист, и покрај многуте престижни победи во неговата кариера, вклучувајќи и две етапни на Тур, но се чини дека Веклер досегна нови височини на 32 години. Меѓутоа, тој чувствува дека последната недела на Алпите ќе биде претешка за него во поглед на задржувањето на ривалите на безбедно растојание.
„Би било огромно задоволство да се следат најдобрите на Алпите, но не сметам дека сум на височина на задачата на високите планини“, објаснува тој. „Останува уште една недела и целиот Тур е така дизајниран за да решава токму последната седмица. Знам дека Франција чека на победа на Французин уште од Бернар Ино во 1985 година, а за подиум од Ришар Виренк, кој заврши втор во 1997 година, но јас нема да ја лажам јавноста. Не можам да и' кажам дека имам шанса за победа“.
КЕВЕНДИШ НАЈБРЗ ВО 15. ЕТАПА
Резултати од 15. етапа: Марк Кевендиш (В. Британија/ХТЦ) 4:20,24 ч., Тајлер Фарар (САД/Гармин) исто време, Алесандро Петаки (Италија/Лампре) исто време итн.
Вкупен поредок: Томас Веклер (Франција/Јуропкар) 65:24,34 ч., Франк Шлек (Луксембург/Леопард) +1:49 минути, Кадел Еванс (Австралија/БМЦ) +2:06 минути итн. |