Инспекторка сведочеше за Красниќи
И покрај тоа што се очекуваше судскиот процес против кондовецот Агим Красниќи и осуммина да биде доведен во финална фаза, на вчерашното рочиште се појави уште еден сведок. Како што информираше претседателката на Судскиот совет, судијката Лидија Неделкова, по барање на судот во својство на сведок е повикана една инспекторка во МВР. Причината зошто беше повикана инспекторката, како што беше кажано, е појаснување на една нелогичност. Имено, инспекторката во една од потврдите за одземени предмети навела дека тоа било сторено на 1 јуни во 10 часот, што значи дека тоа било направено неколку часа пред апсењето на групата.
Повиканиот сведок рече дека не знае зошто на потврдата стои 1 јуни и покрај тоа што таа лично ја пишувала потврдата за одземени предмети. Таа кажа дека часот е точно наведен, но дека требало да стои 2 јуни и дека потврдата се однесува на пиштол што претходно бил одземен од сега обвинетиот Мустафа Нухи. Полициската инспекторка рече дека не знае каде бил пронајден пиштолот, но дека она што таа го работела се случувало во ПС „Кисела Вода“ и дека самиот Нухи го посочил предметниот пиштол.
Покрај Красниќи и Нухи, за злосторничко здружување, за спречување на избори и гласање и за недозволено изработување и тргување со оружје или распрскувачки материи се товарат и Авдула Јусуфи, Сехат Рамадани, Халим Рамадани, Даут Фазлиев, Имер Исмаил, Рихан Мемеди и Бедри Мемети. (Љ.С.) |