Тинејџерката од Прилеп излезе од болница и пак се фрла под автобус

Институциите не го решија проблемот. Таа неодамна беше пуштена од лекување, но никој не знае зошто
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Тинејџерката од Прилеп,16-годишна ученичка во прва година средно образование и натаму продолжува со своите самоубиствени напади, иако еден месец беше сместена во Невропсихијатриската болница во Скопје, под интензивен лекарски надзор. На 6 октомври, нејзиниот лекарски третман завршил и, според информациите, е вратена во Прилеп. Но, не е решен ниту нејзиниот здравствен проблем ниту проблемот што им го создава на вработените во Институтот за тутун. А, најголем проблем, се чини, е тоа што никој не се чувствува надлежен да стави крај на оваа хорор-приказна и да го излечи девојчето, кое според медицинските експерти во Прилеп има повеќе психички отколку психијатриски пречки.
„Повторно истиот кошмар. Еден месец бевме раат, сега пак се повторува истото. Истрчува пред автобус на места каде што не може човек да ја види. Со страв влегувам во автобусот, нозете ми се тресат. Секаде побаравме помош и пак се случува истото тоа. Во полиција ми рекоа дека ако нешто лошо се случи, јас ќе бидам виновен, а еве секаде интервенирам, барам помош, но резултат нема“, вели возачот Димче Китанов.
Вознемирени се и вработените кои секој ден по две пати патуваат со истиот возач. „Ова веќе не се издржува. Цела година истата драма. Цело време сме во исчекување и страв дека ќе излезе од некој агол. Ја информиравме полицијата, баба и', Центарот за социјална работа и пак никој не го решава проблемот. А, што ако се случи трагедија. Зошто ни крив, ни должен, возачот да биде виновен“, велат работничките од Институтот.
Девојчето постојано повторува дека сака да биде прегазено од Диме возачот, на што надлежните одговараат дека се немоќни да преземат нешто за да го решат проблемот.
Девојчето е психофизички здрава и нормална личност, велат надлежните. Тие додаваат дека побарале стручна помош за малолетничката, поради што таа била испратена на третман во Невропсихијатриската болница во Скопје. Невропсихијатрите сметаат дека проблемот со тинејџерката треба да се решава внимателно. „Девојчето најпрвин треба да биде сместено во одредена институција каде што неколку месеци ќе биде под стручен надзор на тим од психолог и социјален работник. Ако постојаната работа не даде плод, тогаш може да се размислува за посмели чекори“, велат медицинските стручњаци. Додека државата одлучи што натаму, вработените во Институтот живеат во секојдневен страв. |