МАГАЗИН
Каде што ти е срцето - таму ти е куќата
Ванеса Радман, Маја Лена Нардели од „Закон на љубовта“, професионалниот врв го има во својата татковина
ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА
Кога ќе ги затвори очите, и' се редат слики од детството што личат на идила од сказните – како трча боса низ трева, шаренило од пеперутки и бои. И денес, 34 години подоцна, во старата семејна куќа во Крижевци, во близина на Загреб, Ванеса Радман ужива во природата која и' помага да се соочи со себеси.
Животот на оваа актерка личи на филмско сценарио - по основното училиште, притиснати од лошите финансиски услови, нејзините се селат во Германија. На новата адреса одлично го совладува јазикот („денес размислувам на германски“), студира Филмска академија, стекнува пријатели, се вработува и го запознава сегашниот сопруг... Копнежите секогаш ги разликуваат длабоко мисловните луѓе, а Ванеса константно чувствуваше потреба да направи нешто во својата земја. Хрватска ја посетува еднаш годишно и на едно од тие патувања ја забележуваат луѓето од „АВА продукција“. Преубавата актерка ја започнува фазата на серијали, и тоа во „Обични луѓе“, „Гордоста на Раткаеви“ и актуелната „Закон на љубовта“.
Ванеса личи на холивудска актерка. Убава е и интересно размислува, романтична е по природа и во себе ја има неодоливата филозофска нишка. Интервјуто го направивме по електронска пошта.
Овој период за Вас професионално е мошне плоден. Снимате во татковината и по трет пат имате улога во проектот на продукциската куќа АВА.
- Прво, сакам да ви се заблагодарам што се сетивте на мене. Им праќам искрен поздрав на вашите читатели и на гледачите на нашата серија „Закон на љубовта“. Што се однесува до мојата работа, навистина ова е плоден период - како актерка можам да се испробам во различни улоги. Се надевам дека ги исполнувам очекувањата на публиката исто како и своите. Темпото е многу напорно, но еднакво ја усовршувам својата работа пред камерите, што ме прави многу среќна.
Во серијата толкувате позитивен лик. Млада, амбициозна и убава жена која во малиот прст го има дрескодот на својата бранша. Кој се грижеше за Вашиот стајлинг и колку Маја Лена личи на Ванеса приватно?
- Стилистка на целиот проект е Марија Цвитановиќ. Во договорот со неа осмисливме жена која има став и која не претерува, барем што се однесува до шминката и облеката. Во контекст на нејзината професија. Инаку, заедничко ни е тоа што навистина сакам да им помагам на луѓето кога се во тешка состојба, не сум адвокат, ама ги сакам вистината и праведноста, кои денес се ретка работа. Се поведувам од фактот дека „срцето не е камен“.
Постојано живеете на релација Хрватска – Германија, каде што е Вашиот сопруг. Напорно и романтично?
- Проевропски сум ориентирана, го ценам мултикултурното општество и најмногу сакам да патувам, така што спомнатата релација и не ми претставува голем проблем. Семејството ми е секаде низ светот, така што и јас имам повеќе куќи, а таму каде што ти е срцето, таму ти е и куќата.
Може ли да се направи некаква паралела меѓу работата во Германија и во Хрватска?
- Во Германија студирав и имав ангажмани во театар и гостувања во некои серии, краткометражни филмови итн. Работата во Хрватска ми е многу битна, затоа што секогаш ме потсетува на тоа каде ми се корените. Во однос на работата, во Германија, ако сте врзани за една театарска продукција, немате право, ниту ќе ве пуштат да работите на филм или на телевизија. Многу е ретко да имате ангажман надвор од театар. Во Хрватска чувствувам дека луѓето во брзо и силно темпо го прават најдоброто што можат.
Постојаната работа веројатно Ве зближи со колегите. Стекнавте ли пријатели меѓу нив и колку сте селективни во тој избор?
- Најмногу другарувам со колеги и со севкупната екипа на снимање со оглед на тоа дека работам по 12 часа. Пријател може да ми биде секој што зрачи со искреност, спонтаност и добра енергија. Не сум сноб и со радост зборувам со луѓето од село, на улица, во трамвај... Убаво поминато време за мене значи одмор, сеедно дали сум сама или во друштво, со чашка добро вино, оган, гледање во ѕвезди. Во близина на Загреб, поточно на Свети Петар Чврстец, имам викендичка на едно мало брдо. Тоа е имотот од моите баба и дедо и таму го минувам секој слободен миг. Имам прекрасни соседи кои ми помагаат во се', во селото нема струја, се греам на дрва. Навечер палам оган и гледам ѕвезди. Престојот таму нема цена. Времето е застанато и се' потсетува на сказна. Снимањето на серијалите „Обични луѓе“, „Гордоста на Раткаеви“ и „Закон на љубовта“ ме донесе во Хрватска за да ми покаже од каде сум и каде припаѓам. Во својата татковина имам работа да си се најдам и самата себеси.
Што е за Вас среќна жена, како може да се препознае?
- Среќната жена е насмеана, а јас најискрената насмевка и' ја подарувам на невиноста на детските очи.
Многу често велат дека убавината доаѓа однатре. Меѓутоа, Вие сте толку убава и на прв, и на втор, и на трет поглед што богатиот внатрешен живот само ја збогатува сликата. Знаете ли како зрачите?
- Тоа е многу интересно прашање и искрено не го знам одговорот! Знам само дека внатрешното зрачење е многу поважно од самата надворешност и поради тоа наидов на предрасуди. Интелигентен и образован човек сигурно ги нема.
Што спаѓа во Вашите редовни обврски кога станува збор за надворешниот изглед. На пример - држите ли диета?
- Не практикувам диети, ама во неколку обиди постев по седум дена за да ги прочистам духот и телото. Човек зрачи кога е среќен однатре. Се радувам на секоја брчка што ќе дојде, зашто ги сакам своите мали грешки. Никогаш не би одела на естетски корекции. Мислам дека постои причина што сме такви какви што сме, така сакале природата и господ и не треба многу да се мешаме во тоа. Сега така размислувам.
На што сакате да ги трошите парите?
- Верувале или не, парите првенствено одат на телефонски сметки, авионски билети и такси-превоз. Како и секоја жена, понекогаш сакам да ги трошам парите на типично женски работи.
Ваш тип на маж?
- Сакам мачо-типови кои се пудли во душата.
Мажена сте со филмскиот и театарски сценограф Тим Флоријан, со кого Ве спои страста спрема уметноста. Колку често се гледате со него и како ја поднесувате самотијата?
- Роман Маетиќ, продуцент на АВА, по завршувањето на „Гордоста на Раткаеви“ ме праша дали би сакала да глумам во уште еден проект. Одлуката ја донесовме заедно со мојот Тим кој, разбирливо, не беше пресреќен, но знаевме дека така е најдобро. Затоа од Роман и��ам дозвола за слободен викенд на три недели и тогаш патувам во Германија. Кога сме разделени, Тим сака да има увид во моето слободно време и јас му дозволувам. Секогаш знае каде сум и со кого и обратно. Меѓу нас нема недоверба.
Како ги делите домашните обврски?
- Имаме рамноправен однос, така што и двајцата готвиме и чистиме. Ама морам да признам дека тој е подобар готвач од мене. Кога Тим готви, наводно му помагам, а тоа значи - пивнувам од црното вино, пушам, зборувам и гледам во него.
Верувате во љубов?
- Како да не, поради љубовта сме и дојдени на светот.
За Вас иднината значи...
- Не планирам, само и' се препуштам на судбината. Со насмевка.
Ме интересира дали сте религиозна. Многу често за возможните работи ги користиме луѓето, а за неможното му се обраќаме на господ.
- Да, религиозна сум и на господ не му се обраќам само од црква, ама на некој свој начин разговарам со него. Господ е љубов и светлост што сите ги носиме во себе и затоа би требало да работиме на сопствената чистота на духот за да ни биде подобро. Нам и на нашите деца.
|