Постапката против новинарот Танески ќе се запре?
Киро Кипроски
ГОСТИВАР - Гостиварскиот суд ќе побара од Основното јавно обвинителство да ја прекине истражната постапка против осомничениот новинар Владо Танески од Кичево, кој во текот на истрагата почина, соопшти Кристе Николовски, претседател на Основниот суд во Гостивар. Предметот ќе се стави ад акта.
Упатените во судската проблематика велат дека судот не суди на починати, па затоа се стопира постапката. Извештајот со ДНК-анализата на биолошките материјали на новинарот Владо Танески од Кичево, што го изработи Институтот за судска медицина во Скопје, а е готов одамна, деновиве ќе пристигне во гостиварскиот суд. Доцнењето е поради тоа што судот немаше пари да ја плати услугата, а Институтот без пари не го даваше. Претседателот на судот потврди дека гостиварскиот истражен судија има побарано ДНК-анализа на Танески да се изврши само во скопскиот институт, при што ги отфрли гласиштата како неточни дека била побарана ДНК-анализа да се изработи во Турција или, пак, во некоја западноевропска лабораторија.
Против Танески полицијата имаше поднесено кривична пријава со основано сомнение дека е можен убиец на неговата сосетка Живана Темелковска, чие искасапено тело спакувано во најлон кеса беше пронајдено во почеток на мај годинава, во непосредна близина на фудбалското игралиште на Влазрими во Кичево. Истражниот судија на Основниот суд - Гостивар на 21 јуни му одреди мерка притвор и околу 21 часот беше сместен во тетовскиот затвор. По 72 часа, на 23 јуни, околу 2 часот, беше пронајден мртов во затворската ќелија. Официјалното полициско соопштение гласеше дека Танески се самоубил со давење во кофа и дека на неговото тело нема модринки и други повреди. Но, подоцна беше установено дека имало модринки на грбот и на градите, па тетовскиот јавен обвинител побара ново вештачење. |