Диви стебла марихуана растат во близина на битолско училиште
БИТОЛА - Полјаната во близина на Основното училиште „Коле Канински“ во Битола, лоцирано во населбата Карпош, старото корито на реката Курделес и неколку илјади квадратни метри по должината на индустриската зона во Битола се обраснати со диви насади марихуана. Стеблата на растението канабис сатива од кое се произведува опојната дрога марихуана виреат во околината на Битола токму поради влажната почва и сонцето. Канабисот израснал над еден и пол метар.
„Знам дека ова е марихуана, а и лесно се препознава. Листот е карактеристичен, како со пет прсти. Велат дека растението е диво пораснато. Стебла никнале од училиштето ’Коле Канински‘, покрај затрупаното корито на Курделес, па надолу по цел индустриски дел на градот, се' до млекарницата ’Идеал шипка‘“, вели Симе Аневски, жител на Битола.
Од СВР во Битола имаат сознанија дека стеблата канабис сатива се диво никнати, што не било забележано прв пат. Оттаму велат дека во ваков случај надлежноста ја презема Министерството за земјоделство, кое веќе било информирано за ваквата состојба. „Имаме оперативни сознанија дека во околината на градот вирее диворастечката марихуана и за тоа го информиравме надлежното министерство да го уништи растението. Наша задача е ако во ваков случај откриеме лица кои ја собираат марихуаната, тогаш тие подлежат на кривично гонење“, нагласува Ѓоко Стрезовски, портпарол на СВР - Битола. Од полицијата велат дека во регионов е редок случај на домашно одгледување марихуана. (А.Б.) |