Падна рејтингот на Никола Саркози
Париз – Извршната власт на Франција можеби ја доби парламентарната битка за реформа на пензискиот систем, но цената за победата ја платија претседателот и премиерот, чија популарност се сведе на 29 проценти за Никола Саркози и 47 отсто за Франсоа Фијон.
Прв пат откако Саркози е избран за претседател на Франција во 2007 година, позитивно мислење за него имаат помалку од 30 отсто од Французите, поточно 29 проценти, според месечниот барометар Ифоп-журнал ди Диманш.
Бројот на незадоволните од политиката на Саркози се зголеми на 70 отсто наспроти 67 проценти во септември. Францускиот претседател останува популарен кај симпатизерите на владејачката УМП, но таа популарност се намалува кај сите други.
Така, од симпатизерите на Комунистичката партија само шест отсто имаат позитивно мислење за претседателот, кај крајно десниот Национален фронт е 29 проценти, кај симпатизерите на центарот Мо Дем 18 отсто, зелените 13 проценти и социјалистите шест отсто. (МИА) |