„Скопско лето“ со изложба и модна ревија
Изложба на графики под наслов „Море на светлината” на Влахо Бранѓолица ќе биде отворена вечерва во 20,30 часот во Културно-информативен центар во рамките на „Скопско лето“, а публиката еден час подоцна, на платото пред Домот на АРМ ќе има можност да ја проследи и модната ревија „Музиката и дизајнот“ на „Академија Италијана“.
„Морето на светлината“, последниот ликовен опус на Бранѓолица, претставува графичко-мултимедијален проект, во кој е инкорпорирано дигиталното во графичкото и графичката лексика во дигиталниот код. Тој дипломирал на Педагошката академија и на Факултетот за ликовни уметности - Скопје, а со титулата магистер артиум се стекнал на Високото училиште за применети уметности во Виена. Магистрирал и на ФЛУ со одбрана на мултимедијалниот проект Нулта точка и Морето на светлината. Развива широка активност во доменот на визуелните комуникации каде како изразно средство најчесто го користи фотографскиот медиум. Работел како фотограф и цртач за повеќе фирми и установи во Македонија и надвор од неа. Меѓу другото и на изготвувањето на промотивниот материјал со кој Градот Скопје во 2008 - и 2009 година ја освои престижната награда во Лугано, Швајцарија.
На модната ревија „Музиката и дизајнот“ на „Академија Италијана“, ќе се претстави втората генерација дипломци, од отсеците за моден дизајн, внатрешно уредување и дизајн на производи и графички дизајн со визуелни комуникации.
Отсекот за моден дизајн покрај својот ревијален дел ќе биде застапен и со експонати (модна и дигитална илустрација, колекција на модни додатоци, прототипови). (К.Б.) |