Изложба на минијатури во Вевчани
Во Вевчани, денеска во 18 часот, во просторот „Веслов дрен“ ќе биде отворена изложба на Симун Лешоски под наслов „Минијатури од раката на Лешоски“, на која ќе биде презентиран избор од најновото творештво на авторот, седумдесетина слики во мал формат во различни техники во кои доминираат мотиви од сеќавањата и неговата имагинација, како и од старата вевчанска архитектура.
„Ги соѕидав со четче, мали како кутивчиња.Токму такви ние можеме да ги носиме во нашите срца“, вели за своите дела Лешоски, автор и на вевчанските личници, грбот и на знамето на Вевчани. Досега реализирал две самостојни и повеќе групни изложби. Тој изработува мозаици со камчиња од вевчанските извори, а илустрирал и десетина книги. Изложбата е дел од активностите на проектот „Култура во руралните заедници“, финансирана од Швајцарската програма за култура на Западен Балкан и Институтот Отворено општество – Македонија. (К.Б.) |