Број 3326  среда, 07 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

Џуд Лоу ја освои публиката во Карлови Вари

Холивудскиот актер работи на првиот детски филм на Мартин Скорсезе, иако не знае што тој крие во својот ракав

Од нашиот известувач Сунчица Уневска

„Не сум сигурен што има Мартин Скорсезе во своите ракави”, рече Џуд Лоу, чиј следен филм е токму со Скорсезе, кој, пак, првпат подготвува детски филм. Џуд Лоу ја освои публиката во Карлови Вари со својот темперамент, со природното и непосредно однесување и со својот напор да одговори на сите прашања и да им даде автограми на своите фанови. Во Карлови Вари навистина никогаш нема таква еуфорија со која се дочекуваат филмските ѕвезди во Кан, но за Лоу имаше интересирање и се собра група фанови, која го дочека и пред луксузниот хотел „Пуп“ кога пристигна, а и на закажаната прес-конференција. А Лоу беше едноставен и многу скромен во своите одговори.

За новиот филм на Скорсезе - „Хуго Кабрет”, чие сценарио е направено според една книга, која на експериментален начин ги спојува прозата и графичката новела, Џуд Лоу рече дека тоа е едно прекрасно потсетување на се' што Скорсезе, а, секако, и тој самиот сакал. А тоа е раѓањето на оригиналниот филмаџија, филмаџијата како маѓионичар. Лоу го игра таткото на Хуго Кабрет и рече дека сето тоа изгледа повозбудливо отколку вториот дел на „Шерлок Холмс”, чие снимање треба да почне во октомври.

За филмот „Талентираниот господин Рипли”, кој беше прикажан во Карлови Вари по повод почесниот „Кристален глобус”, кој на Лоу му го врачи директорот на фестивалот, Јиржи Бартошка, тој рече дека игра посебна улога во неговата кариера, бидејќи првпат го ставил во фокусот на интернационалната публика. Во овој филм, кој го режираше Ентони Мингела („Англискиот пациент”), Лоу рече дека првпат работел со големи играчи. Инаку, неговата последна улога беше во театар каде што го играше „Хамлет”. Прашањата беа, главно, околу тоа како е да се игра Хамлет по толку големи имиња, кои веќе го отелотвориле овој вечен ��ик. Лоу рече дека ликот на Хамлет нуди извонредна можност да се тестирате себеси, бидејќи неговата моќ е токму во тоа да ве натера да направите сопствена интроспекција.

„Најдобриот совет што јас го добив додека ја подготвував оваа улога беше од еден мој колега актер, кој рече - ти не треба да ја играш улогата, туку да оставиш таа да те носи тебе”, изјави Лоу, додавајќи дека низ оваа улога почнал да го чувствува светот многу повеќе поетички обоен. Хамлет бил голема можност не само да го преиспита својот живот, туку и да ги истера своите демони. Инаку, по „Шерлок Холмс”, на крајот на годината Лоу ќе игра и во новиот филм на Стивен Содерберг „Cонтагион”.

Годинава во Карлови Вари, во чија програма се над 200 филма, има навистина интересен избор и многу провокативни остварувања. Во главната програма голем впечаток остави аргентинскиот филм „Брат и сестра” на Даниел Бурман, една исклучителна приказна за тоа на кој начин секој од нас се обидува да помине низ животот и на кој начин подоцна мора да се соочи со својот избор. Бурман прави извонредна анализа на карактерите на братот и на сестрата, кои се неверојатно различни, и кои по смртта на мајката ќе мора да се најдат во сосема нови и провокативни релации и ситуации за да ја осмислат и најдат сопствената цел.

Големо интересирање предизвика и новиот филм на познатиот чешки автор Јан Сверак „Куки”, кој е, исто така, вклучен во главна конкуренција. Јан Сверак и е познат на интернационалната публика по оскаровецот „Колја”, но она што овде предизвика внимание е што станува збор за олдфешн филм во кој главна улога се handheld pupets (оние од куклените театри). Имено, во денешниот свет на компјутерска анимација Сверак прави еден неверојатен филм, кој не само што се натпреварува за главната награда, туку и навистина изгледа одлично. Главната улога во филмот, покрај малиот Ондра, кој го глуми неговиот син, е мечето Куки. Провокативни и вознемирувачки беа и двата филма од главната програма, кои се направени по вистински настани, и тоа чешкиот „Три сезони во пекол” на Томаш Машин кој се навраќа на времето по Втората светска војна и полската морбидна приказна „Мајка Тереза на мачките” на Павел Сала, за трагедијата во едно семејство, која пред неколку години ја шокирала Полска.

Во Карлови Вари, кој има навистина разновидна и многу богата програма, се чини дека се сите освен Македонија. Тука се екипите од Босна со филмот „Напуштени” на Адис Бакрач, потоа од Србија со „Жена со скршен нос” на Срѓан Кољевиќ и од Словенија „9:06” на Игор Штерк, кои се во програмата „Источно од Запад”, како и хрватската екипа со филмот „Нека остане меѓу нас” на Рајко Грлиќ, кој е во главната програма. Има овде и претставување на проекти во развој од земјите на Југоисточна Европа каде што, исто така, не нема единствено нас, а исто и претставување на нови таленти од истите земји во поглед на документарниот филм. Имено, официјално со македонски проект не нема никаде. А инаку неофицијално не' има благодарение на индивидуалниот ангажман на некои наши актери. Така, Лабина Митевска игра во филмот на Игор Штерк, додека Мето Јовановски има улога во босанскиот филм „Напуштени”. Додека во програмата на чешки филм годинава е вклучена и чешко-македонската копродукција, односно филмот „Нормал” на Јулиус Шевчик, во кој играат Мето Јовановски и Елена Станишева. И, за жал, тоа е се' и покрај силната поддршка во нашата земја на македонскиот филм, кој без оглед во кој жанр или форма, но очигледно не излегува никаде.


#
Статијата е прочитана 228 пати.

Испрати коментар

Од: N.
Датум: 07.07.2010 08:10:46
Opasna Sunchica! Mnogu e dobra...

Најди! во Утрински
Култура
На дното
„Скопско лето“ со изложба и модна ревија
Изложба на минијатури во Вевчани
И годинава „Топол културен бран“