Број 3326  среда, 07 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

На дното

Најпознатата драма од Максим Горки со поднаслов „Сцени од рускиот живот“ опишува група од руската ниска класа во засолниште во близина на Волга

Невена Поповска

Познатиот руски писател Максим Горки е роден во Нижи Новогород и на десетгодишна возраст по смртта на родителите заминал од дома во потрага по баба си, која била одличен раскажувач на приказни и која му ја всадила љубовта кон раскажувањето.

Од декември 1887 година Горки тргнал пеш низ Русија и во текот на пет години поминал долг пат, променил многу работни места и акумулирал многу корисни впечатоци, кои подоцна нашле место во неговото творештво.

Како новинар работел во неколку провинциски весници, а кога почнал да пишува романи го користел псевдонимот Горки (горчлив), што асоцирало на неговата горка лутина кон животот во Русија и определбата да ја зборува вистината.

Првата книга есеи и раскази на Горки била објавена во 1898 година, имала сензационален успех и токму со неа почнува неговата кариера како писател. Тој пишувал постојано, бидејќи сметал дека литературата претставува практика и се' повеќе работел на усовршувањето на стилот и на формата. Пишувајќи за животот на луѓето од најдолните слоеви и на маргините на општеството, откривајќи ги нивните неволји, понижувања и брутализација, Горки своето пишување го сметал за морален и политички чин што може да го промени светот. Со тоа Горки станал единствен книжевен глас од дното и страстен поборник за социјална Русија и за нејзина политичка и културна трансформација. Јавно се спротивставувал на режимот на царските власти и поради тоа многу пати бил затворан. На тој начин се спријателил со многу револуционери, а со Ленин, откако се запознале во 1902 година, станал и личен пријател. Во 1902 година Горки бил избран за почесен член на Академијата, но царот Николај II наредил одлуката да биде поништена и во знак на протест Антон Павлович Чехов и Владимир Короленко ја напуштиле Академијата.

Во годините што следувале Горки често доаѓал во судир со властите и многу пати бил затворан, а од 1906 година заминал на Капри, Италија, каде што живеел до 1913 година, делумно од здравствени причини, делумно за да побегне од неподносливата репресивна атмосфера во Русија. И оттаму ја поддржувал работата на руските социјалдемократи, особено болшевиците.

По повод 300-годишнината од династијата на Романови, Горки бил амнестиран и во 1913 година му било дозволено да се врати во Русија. По враќањето во Русија го запишал својот основен впечаток, а тоа е „ сите во Русија се скршени и лишени од сликата на Бог“. Единствен излез, вели Горки, е постојано декларираната „култура“.

Ненадејната смрт на неговиот син Максим во мај 1934 година била проследена со смртта на писателот во јуни 1936 година. Притоа постоеле голем број шпекулации во врска со смртта на Горки. Меѓу оние што го носеле ковчегот на погребот на Горки биле Сталин и Молотов, а во текот на судењата на Букхраин во 1938 година едно од обвиненијата било дека Максим Горки бил убиен од агентите на НКВД.

Во времето на Советска Русија, пред и по неговата смрт, комплексноста на животот на Горки и неговиот изглед биле сведени на икона - како голем руски писател, кој потекнувал од обичните луѓе, лојален пријател на болшевиците и основач на канонскиот социјалистички реализам. Од друга страна, диседентските интелектуалци го отфрлиле Горки како тенденциозно идеолошки писател иако некои западни писатели имале забелешки на ваквиот став. Денеска најголемиот баланс се наоѓа во творештвото на Горки, каде што е забележителна благодарноста кон авторот, пред се', од морален аспект кон модерниот руски живот опишан во неговите записи. Во последно време некои историчари почнаа да гледаат на Горки како еден од најпознатите остроумни набљудувачи на ветувањата и на моралните опасности во Русија.

„На дното“ е можеби најпознатото дело на Максим Горки. Драмата со поднаслов „Сцени од рускиот живот“ била пишувана во зимата 1901 година и во пролетта 1902 година и опишува група од руската ниска класа во засолниште во близина на Волга. Била изведена од Московскиот уметнички театар на 18 декември 1902 година, во режија и во главна улога на Константин Станиславски. Таа била негов прв голем успех, и белег на рускиот социјалистички реализам.

Инспирацијата за ликовите од „На дното“ била од жителите на т.н. Бугровско засолниште за бездомници во Нижи Новогород, изградено во 1880-1883 година од страна на трговецот со жито и филантроп Николај Александрович Бугров (1837-1911) во знак на сеќавање за неговиот татко, А. П. Бугров. Кога актерите на Московскиот уметнички театар ја подготвувале драмата за првата изведба во 1902 година Максим Горки им поделил фотографии од ниската класа од Нижи Новогород, снимени од познатиот локален фотограф Максим Дмитриев, за пореално прикажување на актерството и костимите.

По првата изведба „На дното“ била критикувана поради нејзиниот песимизам и двосмислената етичка порака. Претставувањето на пониската класа се гледало како премногу мрачно и искупувачки, а Горки очигледно повеќе бил заинтересиран да создаде ликови што се паметат отколку да го развие заплетот. Сепак, во тој поглед, генерално, драмата се смета за ремек-дело.

Темата за суровата вистина наспроти утешувачките лаги се проткајува од почетокот до крајот, додека повеќето ликови избираат да се лажат себеси за црната реалност на нивната состојба.

Според делото на Горки снимени се повеќе филмски верзии. Во 1936 година познатиот француски филмски режисер Жан Реноар (син на сликарот импресионист Пјер-Аугуст Реноар) сними филм, во 1946 година индискиот продуцент-режисер Четан Ананд ја почна својата кариера како филмски режисер со „Нееча Нагар“ („Низок град“), што претставуваше хинду филмска адаптација во индиски услови. Филмот доби „Златна палма“ (најдобра филмска награда во тоа време, позната како Гран при) на првиот Кански филмски фестивал во 1946 година и стана прв индиски независен филм што доби меѓународно признание. Во 1947 година кинескиот филм „Најт ин“ на режисерот Хуанг Зуолин се базира на кинеската театарска адаптација на „На дното“ од Ке Линг. Во филмот настапува шангајската пејачка Жу Ксуан.

Во 1957 година јапонскиот филмски режисер Акира Куросава ја адаптираше сторијата во филмот „Донзоко“ („На дното“) во кој настапи Тоширо Мифуне, а ликовите беа пренесени во Јапонија од периодот едо. Овој филм се смета за еден од најголемите филмови со многу актери, во кои настапува голема група од класичните актери на Куросава. Според делото на Горки, по оригинално сценарио, на фински јазик е снимен телефилм на режисерот Мико Нисканен во 1966 година.


#
Статијата е прочитана 250 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Култура
„Скопско лето“ со изложба и модна ревија
Џуд Лоу ја освои публиката во Карлови Вари
Изложба на минијатури во Вевчани
И годинава „Топол културен бран“