Јавните пари се трошат нетранспарентно, тврди „Транспарентност Македонија“

Јавните пари се трошат нетранспарентно, а државните органи не ги почитуваат постапките и процедурите во набавките. Примената на притворот е проблематична мерка поради начинот на кој истражните судии ја даваат правната основа за нејзино определување. Судскиот совет се' уште работи во некомплетен состав, со што се повредува начелото на легитимитет. Ова се трите пункта во кои „Транспарентност Македонија“ забележала најмногу неправилности и прекршувања, а ги потенцира во првиот, априлски извештај за состојбите во борбата против корупцијата и криминалот, презентиран на вчерашната прес-конференција.
„Јавноста не знае колку средства се потрошени за промоција на работата на Владата во првите 100 дена, за медиумската кампања ’Инвестирајте во Македонија‘ и за кампањата за кредитните картички на Министерството за финансии. Нема одговор од Владата ниту на прашањето од која буџетска позиција се одвоени 20 милиони евра за набавка на мазут за потребите на ОКТА“, потенцира уредникот на извештајот, Ненад Марковиќ.
Според „Транспарентност Македонија“, во изрекувањето на притворот има многу правни нелогичности што оставаат сериозно сомневање за притисок врз истражните и судските органи. Што се однесува до посебните истражни мерки, тие треба да се одредуваат само во случај на тешки кривични дела, односно само за организиран криминал или за дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку четири години.
„Судскиот совет остана некомплетен, иако повеќе пати решаваше во рамките на своите ингеренции. Со постапување и со донесување одлуки во отсуство на сите категории членови, се повредува едно од основните начела во правото, начелото на легитимитет“, нагласи Марковиќ. Тој предвидува дека нема да биде изненадување ако во иднина одлуките на Советот бидат оспорени. (К.Ч.) |