Падна, па остана владата во Франција
По оставката на премиерот Филон, Саркози одново му даде мандат
ПАРИЗ - Претседателот Никола Саркози вчера повторно го именуваше својот верен сојузник Франсоа Филон за премиер, обидувајќи се да ја зајакне својата позиција 18 месеци пред следните парламентарни избори. „Претседателот побара од премиерот да формира нова влада“, стои во соопштението од кабинетот на Саркози. Филон и' ја поднесе оставката на својата влада во саботата доцна попладнето пред долгоочекуваната министерска реконструкција. Филон во одделна пригода изјави дека планира да внесе нов период во владата со одлучност, врз грбот на реформите што се спроведуваат откако тој прв пат стана премиер во почетокот на мандатот на Саркози во 2007 година. „По три и пол години храбри реформи, спроведувани и покрај сериозната глобална економска и финансиска криза, јас почнувам... нова фаза со одлучност што ќе и' овозможи на нашата земја да го зајакне растот во економијата што ќе помогне отворање нови работни места, ќе промовира солидарност и ќе ја осигура безбедноста на целиот француски народ“, изјави тој.
Саркози се очекуваше повторно да го именува Филон и да избегне какви било изненадувања во реорганизацијата на својот кабинет. Официјален претставник од кабинетот на премиерот изјави дека составот на новата влада ќе биде познат најдоцна до денес. Филон ја посвети својата кариера на политиката, заземајќи разни позиции во власта, вклучувајќи ги министерските функции во министерствата за труд, за социјални работи, за образование, и за пошта и телекомуникации. Тој го имаше своето деби во централнодесничарската администрации во 1993 година, како министер за високо образование и истражување. Како министер за труд, во 2003 година спроведе важни промени во пензискиот систем преку парламентот, и покрај синдикалните протести, обврзувајќи ги државните службеници да придонесат со исто времетраење на работниот век како и на вработените во приватниот сектор за да се квалификуваат за пензија. (Ројтерс)
|