Отворете четири очи кога купувате играчки
Легалните продавници, а не зелените пазари се места за избирање подароци
Снежана Калабакова
Ако сте решиле да купувате играчки, купувајте исклучиво во легални продавници, а не на зелените пазари. Внимателно прочитајте ја декларацијата и испробајте ја играчката веднаш, уште во продавница. Водете сметка на декларацијата да има ознака „CE“ што гарантира дека производот ги исполнува минимумот безбедносните стандарди предвидени во Правилникот за безбедност на детските играчки.
Ова се основните препораки што треба да се применуваат кога се купуваат играчки, порачуваат од Организацијата на потрошувачите на Македонија и од Државната пазарна инспекција. Само така можат да се избегнат сите ризици по децата поради опасности од хемикалии содржани во играчката, физичките, механичките, електричните и други својства.
Всушност, играчките треба да ги поседуваат општите и посебните безбедносни својства пропишани во Правилникот што на информативно-едукативни трибини веќе го про��овира Организацијата на потрошувачи. Идејата е да се влијае на јавната свест бидејќи за дел од граѓаните при купување детска играчка важна е цената и намената.
„Основната порака што сакам да ја упатам до родителите и до сите други е да купуваат детски играчки исклучиво во легални продавници и внимателно да ги проучат упатствата што ги има на амбалажата, возраста за која е наменета, начинот на употреба, предупредувањата што ги дава производителот“, вели Епаминонда Главинац, советничка во ОПМ.
Од Пазарна инспекција информираат дека во тек е акција за контрола на детските играчки во трговската мрежа, а во неа се вклучени Санитарната и Трудовата инспекција, како и Координативното тело надлежно да постапува по однос на безбедноста на производите. Ова тело сега ги контролира играчките, а комплетниот извештај ќе го изготви најдоцна до 15 јули.
„Сега сме во втората фаза во која лабораториски се испитува дали играчките се хемиски исправни, дали се безбедни и дали ги исполнуваат стандардите. Потоа ќе следува и контрола на детската облека. Во фаза на испитување се пластичните детски сложувалки, за кои родители пријавија сомнеж за исправноста. Секој родител треба да знае дека постои Правилник за исправноста на детските играчки и доколку за што било се посомнева или неговото дете притоа се повреди, задолжително да пријави“, порачува Елизабета Чингаровска, државна пазарна инспекторка.
Иако надлежните ги контролираат овие производи за најмладите, секогаш може да се провлече нешто што не е во согласност со пропишаните стандарди и ЕУ-директиви кон кои се стреми и Македонија. Само легално влезените играчки во земјава се безбедни бидејќи поминале низ соодветна процедура. Неспакуваните играчки, како оние што се продаваат на пазарите можат да бидат и контаминирани, но и отровни заради лабораториски непроверената боја и материјалот.
Од Пазарната инспекција велат Македонија се раководи од RAPEX системот за рано предупредување, па затоа и веднаш се алармира дали таква играчка влегла на пазарот во земјава и веднаш се повлекува. Според нив, засега најнесигурни се играчките со потекло од Кина.
Од ОПМ гарантираат дека нашите играчки произведени во земјава се сигурни. Но, и покрај се', кога се децата во прашање подобро е да не се ризикува и да се отворат четири очи. |