Македонија бележи напредок против трговијата со луѓе
ВАШИНГТОН – Македонија е извор, транзитна земја и дестинација за жени и деца инволвирани во трговијата со цел комерцијално сексуално искористување. Со жените и децата од Македонија се тргува внатрешно, главно од источните рурални области во урбаните барови во западна Македонија.
Жртвите на трговијата се првенствено од Србија и од Албанија. Македонските жртви и жртвите кои транзитираат низ Македонија се тргуваат во Јужна, Централна и Западна Европа, вклучувајќи ги Босна, Србија, Италија и Шведска. Ова се наведува во последниот извештај на американскиот Стејт департмент за борбата против трговијата со луѓе.
Според извештајот, во кој се дава оцена за 150 земји, Македонија се наоѓа во првата категорија. Во него се оценува дека Македонија лани ги почитувала минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе и ги подобрила капацитетите за идентификација и заштита на жртвите.
Извештајот, кој оценува 150 земји во светот, се однесува на периодот од март 2007 до март 2008 година. На земјава и' се препорачува да демонстрира видлив напредок во заштитата на жртвите и помош, вклучувајќи зголемено финансирање на засолништа за жртвите од земјата и помош за невладините организации кои работат за жртвите.
Исто така, се препорачува енергично да се прогонуваат трговците со луѓе и да се продолжи со енергично прогонување на каква било корупција поврзана со трговијата со луѓе. (Х.Р.) |