Пресудата за „Изгрев“ остро нападната на Апелација
По речиси цели осум месеци од изрекувањето на првостепената судска пресуда за случајот со струшкиот хотел „Изгрев“, вчера во Апелациониот суд во Скопје се одржа Јавна седница на која се разгледуваа жалбите што стасаа до повисокиот суд. Пресудата на Основниот суд Скопје 1, која беше донесена на 29 јануари оваа година, во жалбите на осудените и на нивните бранители беше напаѓана по сите основи, а најмногу поради материјално-финансиското вештачење.
Како што неофицијално се дознава, на попладневната сесија Јавното обвинителст��о, наводно, ја повлекло својата жалба. Доколку жалбата навистина е повлечена, во таков случај се отвора можност пресудата да биде вратена на повторно одлучување во понискиот суд.
Во скандалот со препродажбите на струшкиот хотел „Изгрев“ браќата Димитар и Георги Миладинови ги осуди на казни затвор во траење од по 6,6 години. Адвокатот Димитар Савовски е осуден на една година затвор, а неговата колешка Анита Бегова на двојно помала казна. На две години затвор беше осуден Димитар Голабовски, сопственик на фирмата „Агора консалтинг“, а една година затвор доби советникот за геодетски работи во Агенцијата за катастар во Струга, Златко Фармакоски. Струшкиот нотар Мерсим Положани беше осуден на три месеци затвор, а со условна казна во траење од три години, беше осудена Сузана Блажеска, референтка во струшкиот Катастар. (Љ.С.) |