ЕДИТОРИЈАЛ
Млеко за истурање или за пиење
Маја Томиќ
Млекото повторно се истура на улиците, исто како пред неколку години. Фармерите се жалат на ниската откупна цена. Порано се жалеа на вишоците млеко кои никој не сакаше да ги откупува. Како и да е, сликата на истурено млеко по улиците е многу грда и треба некој да пресече и да најде начини таа во иднина да не се повторува.
Треба да се најде решение за барањата на сточарите. Тие повеќе месеци наназад реагираат дека се незадоволни од цената и дека ќе преземат ригорозни мерки и ќе го истураат млекото, но откупувачите на млеко воопшто не ги сфатија сериозно. И така, завчера млекото потече на улиците, а малку им беше подарено и на случајните минувачи.
Протестот беше предупредувачки. Неколку стотици млекари се заканија дека на 28 август ќе има големи блокади, доколку дотогаш не се смени политиката на цените, и дека ќе ги заколат кравите и нема веќе да произведуваат и продаваат млеко.
Кој е во право, а кој греши? Какви последици може да има овој хаос во ценовната политика со млекото присутен долго време? Компаниите кои го откупуваат млекото неодамна ја намалија откупната цена од 30 на 10 денари затоа што неговиот квалитет бил слаб. Фармерите велат дека тоа не е точно и дека не им се исплатени парите за млекото неколку месеци.
Лошиот квалитет на млекото е главната причина за ниската цена, посочија и од Здружението на преработувачи и производители на млечни и месни производи, од каде што тврдат дека нашето млеко ни оддалеку не ги задоволува критериумите на ЕУ, а во услови на пазарна економија, квалитетот е главниот фактор што ја одредува цената на чинење.
Фармерите го тврдат спротивното, дека млекото е квалитетно, а ако не е така, тогаш зошто се откупувало од млекарниците. Тие бараат стандардизација на просечната откупна цена од 29 денари за литар, или нискоквалитетното млеко да се купува за 24, а најквалитетното за 34 денари за литар.
Македонските фармери се категорични дека нема да прифатат цена под 20 денари за литар сурово млеко. Тие заедно со Министерството за земјоделство пред една недела договорија цената на литар сурово млеко при откуп да се дефинира зависно од неговиот квалитет и да се движи од 19 до 29 денари за литар, а исплатата на откупеното млеко да се врши во рок од 30 дена.
Владата понуди процената на квалитетот на млекото да се врши според Правилникот за квалитет, а оние кои нема да бидат задоволни од процената на млекарниците, ќе може да прават дополнителни анализи во овластените лаборатории. И покрај тоа, млекарниците продолжија да вршат откуп на млекото по 15 и по 10 денари за литар. Доколку фармерите останат на своите барања, а млекарниците не отстапат со ниските откупни цени, лесно може да останат наскоро без млеко за производство, а граѓаните да пијат само увозно млеко. Поради големите субвенции и стимулации во странство, тоа го прави македонското млеко неконкурентно со цените.
До пред извесно време Македонија се соочуваше редовно со вишоци млеко кои не се откупуваа. Влезот на странски компании во млечната индустрија ја зголеми побарувачката и ја смени ситуацијата, а откупните цени само за неколку месеци пораснаа речиси за 80 отсто. Млекарниците бараа начини за да ги задржат кооперантите. Сега, кога млекото го има во доволни количества, се жалат на квалитетот и ја намалуваат откупната цена.
Државата досега немала, ниту пак сега размислува за потребата од воведување национална стратегија за млекото и се вади дека правилата на ЕУ и на СТО не и' дозволуваат да се меша во откупот и со тоа да ги урива пазарните релации меѓу сточарите и млекарниците. Правилата на ЕУ се едно, а националната стратегија друго. Таа е единственото решение за конечно надминување на разните проблеми во млекопроизводството. |