Судските одлуки на поправен во Стразбур
Од 1.150 македонски предмети во Судот во Стразбур, дури 75 отсто се повторуваат како случаи, рече европската судијка
Пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур не се само начин за остварување на некои права на граѓаните, туку и голема помош на домашните судови за вградување меѓународни стандарди и принципи. Судиите треба да ги следат пресудите не само за македонските случаи туку и на практиката на Европскиот суд, бидејќи на тој начин ќе го подобрат квалитетот на пресудувањето. Ова вчера им го порача европската судијка од Македонија, Мирјана Трајковска-Лазарова, на судиите нагласувајќи дека од 1.150 македонски предмети дури 75 отсто се повторуваат како случаи. Тоа не би било така доколку македонките судии повеќе би ја користеле европската практика.
Министерот за правда, Михајло Маневски, зборувајќи на отворањето на дводневната конференција на тема: „Зајакнување на супсидијарноста: Интегрирање на практиката на Европскиот суд за човекови права во националното законодавство и практиката на домашните судови“, се осврна на нашите искуства.
Парламентите, владите и судовите имаат фундаментална улога во гарантирањето и заштитата на човековите права на национално ниво. Националните судови и домашните органи, споре�� Маневски, генерално, треба подобро да се позиционирани да одлучуваат за мерките во определени области, да ги антиципираат проблемите и да соработуваат со други национални институции, со цел за поефикасно решавање на проблемите. На тој начин, како што додаде, улогата на Судот во Стразбур добива контролна димензија за примената на човековите права.
„Мерките преземени на национално ниво треба да овозможат ефективни домашни лекови, да го зајакнат националниот правен поредок и да го донесат поблиску до усогласеноста со Конвенцијата и правната практика на Судот“, рече Маневски.
Тој пред учесниците на конференцијата посочи дека Македонија во 2008 година прифати многу значајно решение со измени во Законот за судовите со тоа што за првпат во правниот систем на Република Македонија се овозможи директна примена на правилата и на практиката на Европскиот суд за човекови права од страна на Врховниот суд на Република Македонија при одлучување за судење во разумен рок. Највисокиот суд досега постапувал во над 500 барања на македонските граѓани поради тоа што сметале дека им е повредено правото за судење во разумен рок.
„Тоа значи 500 барања помалку пред Европскиот суд. Од Врховниот суд се усвоени над 100 барања, или околу 20 отсто од барањата што е просек соодветен со тој на Европскиот суд“, додаде тој.
На конференцијата присуствуваат и судии од Европскиот суд за човекови права, претставници од Венециската комисија, од Генералниот секретаријат, Парламентарното собрание и од други тела на Советот на Европа, а ќе учествуваат и претставници од министерствата за правда и за надворешни работи, од домашните правосудни органи, Собранието на РМ и од невладиниот сектор. (Г.Д.) |