Ќе никне и колонадата, а ќе се копа и подземната улица
Градилишта ќе се отворат најдоцна до пролет, моментално се бара изведувач
Се' поизвесно е дека во почетокот на новата градежна сезона од левата страна на Вардар ќе почнат да се градат и колонадата и подземната сообраќајница што ќе води од Музејот на холокаустот до објектот на МНТ. Општина Центар деновиве бара изведувач за објектот и за улицата и планира целата постапка да ја заврши до Нова година, а најдоцна до пролет да почне да гради.
Колонадата е планирано да биде висока 8 метри, а ќе се гради меѓу новите објекти на Агенцијата за електронски комуникации и на Финансиската полиција. Колонадата, како што се шпекулира, ќе биде изградена од неколку столбови изведени во антички стил поврзани во венец. Пред неа, пак, е предвидена изградба на миниамфитеатар.
Колку пари ќе чини колонадата, а колку изградбата на подземната улица ,ќе се утврди откако ќе биде избран изведувачот. Засега, како што велат одговорните од Општината Центар, познато е дека средствата за нив ќе бидат издвоени од општинската каса.
„Колонадата ќе се гради според проект на проектантската куќа ‘Мегаор‘, а финансиите ќе бидат обезбедени од нашиот буџет“, информираат од Општината. (Дс.Т.) |