Новогодишен подарок - 15 украински автобуси
За непочитување на договорот, компанијата „Лаз“ ќе плаќа пенали од 200 евра дневно по автобус
Деспина Трајковска
Првата тура од 15 нови едноподни автобуси се очекува да стаса во Скопје од Украина неколку дена пред Нова година. Останатите 69 ќе треба да дојдат до крајот на наредната година. Ова се последните најави за испорака на новите автобуси од компанијата „Лаз“, со која Владата склучи зделка за производство на вкупно 84 „обични“ автобуси во вредност од 11 милиони евра.
Со тоа, како што велат од ЈСП и од Бирото за метрологија, кои се во постојана комуникација со Украинците, ќе паднат во вода сите шпекулации дека набавката е доведена под прашање. Никој од македонскиот тим што ја следи зделката не негира дека „Лаз“ досега требаше да ја испорача првата тура автобуси. Дотолку повеќе што од компанијата сами ветија предвремена испорака, иако договорот им налага да го сторат тоа најдоцна до крајот на годинава.
Димитар Парнарџиев, директор на Бирото за метрологија, вели дека пред десетина дена во Украина се сретнал со надлежните од „Лаз“, но и со претставници на Германскиот институт каде што се врши хомологација на автобусите. Констатирале дека предвидените активности се одвиваат според утврдениот план.
„Германците досега завршиле со две од неопходните три етапи на хомологацијата, што значи дека таа е во напредна фаза. Проверен е системот за квалитет и безбедност, а испитано е дали и како се имплементирани потребните регулативи по европските стандарди што треба да ги поседуваат автобусите. Според досегашниот тек, и од Институтот и од компанијата даваат гаранции дека испораката на автобусите ќе се случи согласно со роковите“, информира Парнарџиев.
И директорот на ЈСП „Скопје“, Мишо Николов, има исти сознанија произлезени од комуникацијата со произведувачот. Во случај, сепак, „Лаз“ да не го испочитува договорот, компанијата ќе плаќа пенали. Според Николов, станува збор за 150-200 евра по автобус дневно.
Според договорот, „Лаз“ има обврска до Нова година да ја испорача првата пратка од 15 автобуси, а останатите 69 до крајот на идната година. Четири од автобусите ќе бидат дупли, а останатите се единечни возила. Сите ќе бидат црвени со драп покрив, слично на постојните на ЈСП.
Иако од претпријатието се' уште не утврдиле на кои линии ќе сообраќаат украинските автобуси, привилегија да се возат во нив, најверојатно, ќе имаат корисниците на линиите „3“, „5“ и „15“.
|