Кој ќе седне во летачката фотелја?
Во Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) има двајца посериозни кандидата за директорската фотелја. Покрај Дејан Мојсовски, раководител на Секторот за безбедност, кој до неодамна се споменуваше како најсигурен претендент за оваа функција, сега е во игра и Војо Стојановски, раководител на Секторот за финансии. Дури се смета дека Стојановски има повеќе шанси да стане прв човек на АЦВ.
Се наметнува прашањето дали роднинските врски на Мојсовски со премиерот Никола Груевски му ги ослабнаа шансите да стане нов директор на АЦВ?
Инаку, на конкурсот што траеше до понеделникот, се јавиле петмина кандидати. Но, за овие двајца се смета дека имаат најсериозни шанси, а дополнително се и вработени во Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Кој ќе биде новиот директор на АЦВ, ќе се знае до крајот на неделава.
Инаку, уште на 13 мај годинава оставка од оваа функција поднесе Зоран Крстевски, по усвојувањето на новиот Закон за воздухопловство. Со Законот се смени начинот на избор на првиот човек на Агенцијата и директорот се избира на јавен оглас, треба да е деполитизиран, да има пет години работен стаж во воздухопловството и три години да бил на раководна позиција. (С.М.) |