За една година ќе почне да се гради подземната улица покрај кејот
Изведбата е обврска на инвеститорите на новиот објект и ќе ги чини 1,5 милион евра
Деспина Трајковска
Подземната сообраќајница која треба да биде единствен сообраќаен линк со новата деловна зграда што почна да се гради на кејот, со изведба ќе стартува дури за една година. Дотогаш фирмите инвеститори „Дивелоп“ и „Латис“ планираат објектот да се изгради до фаза на карабина. И покрај „тежината“ на зафатот за подземната улица, како што оценуваат некои, инвеститорите сметаат дека ќе завршат со обврската навремено и без проблеми.
„Ќе се гради една обична сервисна улица, а не автопат. Единствено можеби скептични се некои теоретичари и тоа само затоа што станува збор за подземна сообраќајница. Но, не постои простор за сомневање“, уверува Александар Ивановски, управителот на „Дивелоп“.
Тој вели дека се' уште немаат готов проект за подземната улица, но се работи на него. Инвеститорите потенцираат дека имаат сознанија од речиси сите надлежни институции дека со изградбата на улицата нема да се наруши статиката на потпорниот ѕид, ниту, пак, ќе се јават проблеми поради близината на Вардар и подземните води. Проценето е дека подземната врска со објектот ќе чини 1,5 милион евра. Во зградата, пак, инвеститорите ќе вложиле 10 милиони евра, а за комуналии платиле 1.100.000 евра.
И по дваесетина дена работа на терен, травертинските плочи се' уште се вадат. Се привршува со организирање на градилиштето, но патот по кој е дозволено да минува механизацијата, по должината на кејот покрај ѕидот, се' уште не е трасиран. Таква траса, согласно со урбанистичкиот план, всушност, ќе има и подземната сообраќајница. Влезот ќе биде од кај киоскот кај „Холидеј ин“.
„Неколку дена отстапување од динамичкиот план за работа ништо не значи. Имаме разбирање за околните локали, односно летните тераси, па поради тоа се' уште не сакаме да почнеме со оградување“, објаснува Ивановски.
Според проектот, деловната зграда која ќе никне на просторот меѓу некогашен „Метропол“ и коритото на Вардар ќе има шест ката. Во делови фасадата ќе личи на некогашниот објект на Народна банка, кој се наоѓал на истата локација до катастрофалниот земјотрес. Иако инвеститорите ја добија градежната дозвола пред повеќе од половина година, со работа на терен стартуваа неколку месеци подоцна, бидејќи чекаа градските власти да го сменат својот став и конечно да им издадат сообраќајна согласност за проектот. Градот ги обврза инвеститорите откако ќе го изградат објектот, кејот да го вратат во првобитна положба. |