Буџетот останува во истите рамки
Според Славески, дефицитот од 2,8 милијарди евра е начин да се одговори на кризата
Александрија Стевковска
Владата останува на ставот дека буџетот за наредната година е скроен да одговори на предизвиците кои ги наметнува светската економска криза, им објасни вчера министерот за финансии, Трајко Славески, на пратениците на собраниската седница на која започна претресот на овој најважен економски документ. Во амандманската расправа која се водеше според новиот собраниски Деловник, биле предложени 204 амандмани, а усвоени само 15, кои се однесуваат на трошоци за Собранието, ДИК и МАНУ. Опозицијата уште еднаш предупреди дека со обемен буџет, проектиран за 2009 година, земјава оди во амбис и дека тој мора итно да се повлече, да се изработи нов буџет приспособен на реалноста и опасностите кои демнат од светската економска криза.
„Во буџетот нема никакви проекции како кризата ќе се одрази врз трговскиот дефицит и дефицитот на тековната сметка. Владата нема добри процени ниту за приватните трансфери, за странските инвестиции, но и за растот на БДП, кој нема да биде позитивен. Колапсот на државата ќе се случи во февруари идната година кога ќе достасаат за исплата трошоците од извозот и кога ќе се јави дупка во платниот биланс, поради што државата не ќе може да си ги сервисира основните обврски. Ќе се трошат девизните резерви, а поради глобалната криза ќе нема ниту прилив на странски директни инвестиции, поради што ќе нема прилив ниту во девизните резерви“, истакна Стојан Андов од Либералната партија. Тој изрази сомнеж дека ќе може да се остварат параметрите од буџетот, бидејќи се проектирани на предвиден раст од 5,5 отсто, што нема да се оствари. Според него, кризата ќе ги намали и дознаките од странство, што севкупно ќе ја влоши економската ситуација во земјава.
„За покривање на дупките, на државата ќе и' биде неопходна помошта од меѓународните институции, поради што Владата не треба да се кара со нив“, смета Андов. Тој предложи да се искреира буџет за 10 отсто на пониско ниво со реална потреба за намалување на даноците, како би заживеало стопанството.
Министерот за финансии, Славески, застана во одбрана на буџетот, потенцирајќи дека проектираниот дефицит од 2,8 милијарди евра е начин Владата да одговори на предизвиците од кризата, бидејќи тој во најголем дел отпаѓа на инвестиции во инфраструктурата. Според Славески, Владата не се кара со меѓународните финансиски институции, но само не се согласува со нивниот погрешен пристап на актуелната политика.Тој не образложи зошто во буџетот останува проекцијата од 5,5 отсто економски раст, во услови кога целиот свет ги намалува проекциите за раст и кога и нашите владини претставници излегуваат со различни бројки за раст во наредната година. На овој дел реагираше и Игор Ивановски од СДСМ, според кого буџетот треба да се повлече и да се достави нов, кој ќе биде во контакт со реалноста. Предложениот буџет, според Ивановски, е буџет на приграбување пари од граѓаните и во кој нема инвестиции.
„Овој буџет го изготвила неспособна Влада и министри кои немаат врска со реалноста. Во него се планира стапка за раст од 5,5 отсто, иако премиерот и вицепремиерот во меѓувреме излегоа со прогнози дека стапката ќе се намали од 4 до 5 отсто или ќе остане иста. Во суштина нема шанси да се достигне раст поголем од 3 отсто, бидејќи паѓа индустриското производство, се зголемува бројот на невработени. Откако беше искреиран буџетот се излезе со мерки против кризата, иако дотогаш ја убедувавте јавноста дека кризата е како облак што не' одминува, а дека ќе капне и ќе направи беља кај други“, истакна Ивановски.
Тој дообјасни дека оваа Влада за време на своето две и полгодишно владеење го зголемила буџетот за една милијарда евра и дека станува збор, не за пари кои се дојдени од нови инвестиции, туку од постојните фирми и вработени, кои постојано се оптоваруваат со нови давачки.
„Во буџетот за 2009 година се предвидени 400 милиони евра за плати на администрацијата, уште 400 милиони за партиската војска од 25.000 луѓе, односно за исплата на договорни услуги и за реклами, а исто така и 400 милиони евра за капитални инвестиции, што нема никаква логика“, констатираше Ивановски, кој го осуди и владиниот гаф со воведување на патриотските сметки, што ќе ја чини државата 11 милиони евра.
„Сето тоа ќе ја опустоши државата и ќе донесе ребаланс по изборите“, смета Ивановски.
Според Јован Манасиевски од ЛДП, буџетот ја игнорира економската криза и наместо сериозни корекции во него, министерот за финансии се фали со две ситни корекции за ДИК и за МАНУ.
„Не се води сметка за фактот дека за два месеца 8.000 вработени останаа без работа и дека трговскиот дефицит е темпирана бомба, а девизните резерви се топат“, објасни Манасиевски .
Миле Андонов од СДСМ смета дека половина од буџетот нема да може да се оствари ако се има предвид дека буџетот е планиран и проектиран на раст од 5,5 проценти, кој со последиците од светската економска криза веќе не е 5,5 проценти, туку според некои предвидувања ќе биде 3,5 проценти. |