Локалните избори во сенка на претседателските
Има многу најави, а малку имиња за трката за претседател. Сите сакаат да имаат кандидат
Александра М. Митевска
Додека политичката јавност нагаѓа кого ќе понудат највлијателните партии за наследник на Бранко Црвенковски, од „втората борбена линија“ константно доаѓаат сигнали дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, веројатно, нема да останат сами во претседателскиот ринг.
Многу најави за учество, а малку имиња и презимиња на потенцијални учесници. Таква е атмосферата три месеци пред четвртите претседателски избори, по одлуките на двете најголеми партии до последен момент да тактизираат со своите адути за фотелјата која е позиционирана на врвот на државната пирамида.
Претседателскиот кандидат од 1999 година, Тито Петковски, најави дека во март нема повторно да се бори за престижната функција во извршната власт, ама дека неговата НСДП, сепак, ќе понуди свој кандидат за шеф на државата.
Околу варијантата за самостоен настап на претседателските избори од поодамна размислуваат и либералдемократите. Минатиот викенд дури и не многу познатото Народно движење за Македонија најави дека ќе го промовира својот претседател Јанко Бачев како претседателски кандидат. Големи се шансите Љубе Бошкоски да истрча на изборите како независен кандидат, како што планираше да се натпреварува и во 2004 година.
И партиите на Албанците повторно се заинтересирани да учествуваат на претседателските избори. Гзим Острени, кој беше адут на ДУИ во 2004 година, неодамна оцени дека неговата партија треба да истакне нов кандидат за шеф на државата. Тој пример се очекува да го следи и опозициската ДПА, додека од новоформираната Нова демократија од поодамна стигна вест дека Имер Селмани би можел да се испроба во претседателската битка.
Под претпоставка да се реализираат повеќето вакви најави и кандидатите на овие партии да им се придружат на фаворитите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, во првиот круг од претседателските избори граѓаните би имале широк избор, така што би можел да се собори и „рекордот“ од пред десет години, кога на изборите настапија шест кандидати. Затоа, пак, во 2004 година патеката до претседателскиот трон ја трчаа само претставници на четирите најголеми партии, можеби и поради тоа што изборите беа вонредни, па помалите партии не беа подготвени да се соочат со предизвикот.
Друга работа е што за секоја кандидатура е потребна поддршка од најмалку 30 пратеници или од 10 илјади избирачи. Првата опција, засега, се чини достижна само за ВМРО-ДПМНЕ, а сите други потенцијални учесници ќе мора да собираат потписи. Впрочем, како што и во 1999 година социјалдемократите бараа граѓанска поддршка за кандидатурата на Петковски, а во 2004 вмровците за Сашко Кедев. Практиката од минатите изборни циклуси, всушност, покажа дека тешко се собираат потребните потписи кога потенцијалниот претседателски кандидат не располага со одредена доза партиска поддршка – отворена или заткулисна, сеедно.
Мартовските избори ќе претставуваат наше премиерно искуство со гласање во ист ден и за шеф на државата и за градоначалници и советници по општините. „Двојни избори“ во Македонија досега се одржаа само во 1994 година, но тогаш паралелно се избираа претседател и пратеници. Всушност, заеднички именител за сите досегашни претседателски избори е што секогаш победувал кандидатот на власта и што опозицијата редовно не ги признавала резултатите и обвинувала за фалсификат.
Едно е извесно: претстојните локални избори ќе поминат во сенка на претседателските. Во претседателскиот натпревар, сепак, има само еден победник, за разлика од битката за локалната власт, каде што се можни различни толкувања на постигнатите резултати. Тука, веројатно, се крие и математиката поради која СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ лесно се договорија изборите да бидат на ист датум, иако формално постоеше можност локалните да им претходат на претседателските.
Затоа, со оглед на трендот на растурање на досегашните коалиции, не е изненадување што речиси нема партија која не размислува за свој претседателски кандидат. Притоа се бараат личности кои би можеле да повлечат гласови и за кандидатите на локално ниво, а кај помалите партии се внимава и нивните фаворити да можат да претставуваат соодветна логистика за еден од кандидатите што би влегол во вториот круг, како можност за трасирање на евентуална коалициска соработка во понатамошниот период.
Во албанскиот политички блок ситуацијата е поинаква. Таму се очекува во фокусот да бидат локалните избори. Сепак, партиите на Албанците и досега не пропуштаа шанса да се испробаат во претседателската трка, како можност во првиот круг да си го тестираат рејтингот, а во вториот да постигнат одредени концесии преку апелот до нивните гласачи за поддршка на еден од главните кандидати. Така, најверојатно, ќе биде и во март в година, без разлика што цензусот за излезност се намали за 10 проценти.
|