Ќе доцнат ли декемвриските пензии?
Декемвриските пензии поради новогодишните и божикните празници може да доцнат. Но, од Министерството за труд и социјална политика укажуваат дека се прават напори да се исплатат во работните денови меѓу двата празника, односно најдоцна до 5 јануари.
„За пензиите кои се преку трансакциски сметки нема да има проблем. Парите ќе се префрлат на 2 јануари, по што пензионерите ќе може да ги подигнат. Проблем може да има со околу 16.000 пензии што ги доставува поштар. Но, и за нив се прават напори да им се исплатат најдоцна до 5 јануари“, уверува заменик-министерот за труд и социјална политика Спиро Ристоски.
Според него, со јануарските пензии пензионерите ќе го добијат редовното покачување, но колкаво ќе биде тоа се' уште не се знае зашто се обработуваат податоците од Заводот за статистика за колку се зголемени платите и трошоци за живеење. За евентуално дополнително покачување на пензиите, заменикот Ристески вели дека за тоа одлучува Владата.
Министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами на вчерашниот отчет што направило Министерството во изминатата 2008 година, не кажа колкав е долгот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, укажувајќи дека дополнително ќе се презентира. Но, затоа, пак, рече дека на фирмите им се дадени поволни мерки, со што ќе им се отпишат каматите. Ако до јануари годинава го расчистат долгот, ќе им се отпишат целосно каматите. Ако го сторат тоа до април 2009 година, ќе им се отпишат 75 отсто од каматите за долговите. (Ј.Ј.)
|