Мислења
Политичарите - богаташи или бедници
Назми Малиќи
Граѓаните, кои својата перспектива ја градат врз демократски вредности, не сакаат да бидат заложници на бедните, ама богати политичари
Доколку економската и социјалната благосостојба и демократските стандарди се прифатат како заедничка вредност, тогаш прифаќањето на внатрешната институционална стабилност, мирот и безбедноста како заедничка вредност ја потенцираат оправданоста за конкуренција со проекти што им нудат благосостојба на граѓаните. Тоа укажува и дека нивната национална, верска, економска, политичка иднина и иднината на државата се градат со политичари што излегле од јасна легална и легитимна регуларност. Сосема е јасно дека граѓаните, кои својата перспектива ја градат врз демократски вредности, не сакаат да бидат заложници на лоши политичари што сакаат да создадат партиско-политичка власт со лоши сценарија и со разновидни афери, со кои се создава лош политички амбиент, со меѓунационални поделби, а со цел дел од граѓаните и натаму да бидат дел од партиската популистичка политика. И оваа партис��а публика со време ќе разбере дека била игнорирана и манипулирана. Факт е дека на актуелните политичари, кои сега се на власт во Република Македонија, се' уште им недостасува способност отворено да зборуваат, да се оградуваат или да дејствуваат без никакво додворување за да создадат јасна слика (со мали исклучоци), за тоа да биде искрена презентација на нивното однесување во однос на другите, но и внатре кај своите политички структури од каде што е профилиран како партиски или државен раководител. Доколку недостасува плурално однесување од нивните политички елити и се игнорираат или се маргинализираат, тогаш теориите за градење авторитет и политичка сила остануваат надвор од вредностите што би ги нуделе правилата за функционална демократија.
На ваквото однесување на политичарите од актуелната власт кај нас и на нискиот политички дијалог меѓу партиите и внатре во нивните структури разочарани се и евродипломатите. Доминира остриот тон на политичка комуникација на партиските лидери, што не е одлика на демократијата. Недостасува политички консензус и за проекти што и партиите од власта и од опозицијата ги имале во своите изборни платформи. Во ова мое размислување ќе се послужам и со изјавата на Јелко Кацин, пратеник во Европскиот парламент, кој во една емисија на телевизија А1, меѓу другото, рече: „Според Уставот, вие имате парламентарна демократија, но одлучува еден човек. Тоа е господинот премиер. Тој не е дел од решението, туку е дел од проблемот. Отворено го кажувам тоа. Во таков случај, посебно оние политичари што не се на ниво на задачата, секогаш покажуваат вака. Секогаш е виновен некој друг, место да се праша зошто не напредувала Македонија“. Се поставува една дилема - колку во оваа изјава се препознаваат себеси сопартијците на премиерот и коалициските партнери на Владата. Особено како се чувствуваат политичарите на ДУИ и што конкретно им останало од нивната партиска предизборна платформа и зошто би требало да бидат и натаму дел од оваа власт. Посебно ако тоа го прават поради Брисел, а оттаму доаѓа порака дека дејствувањето на оваа Влада не е во согласност со европските стандарди.
Во извештајот од ЕУ се истакнува дека корупцијата е на високо ниво и останува системски проблем, партизацијата и политизирањето на судството, лошата политика на партизација на медиумите и, особено, актуализираната порака за поефикасно спроведување на Охридскиот рамковен договор. Можеби на сегашните владини политичари и не им значи многу податокот дека секој втор средношколец уште на таа возраст почнува да размислува по една деценија да замине од Македонија. Резултатите од анкетата се барометар на отсуство на јасна економска перспектива, на сиромашен пазар од понуди за вработување креативни кадри. Таквите релевантни истражувања се дел од истражувањата на светските институти и истражувачки центри што Македонија ја вбројуваат во редот на нестабилни земји, за која, исто така, би можело да се каже дека е делумно слободна земја според слободата на медиумите, а вброена е во земјите што имаат висок степен на корупција итн. На пример, на листата на Фридом хаус, според оцените за слободата на говорот, Македонија забележа пад за 34 места во однос на лани и сега е на 68. место.
Да се разбереме, и без показателите од овие истражувања, таквата незавидна положба ја чувствуваат во својата душа поголем дел од граѓаните и тоа секојдневно. Затоа за политичките и за економските околности во Република Македонија од големо значење е политичарите од власта да имаат ниво на одговорност и зачувување на човечката совест, со цел да ги заштитат своите активности од неконтролирани политички дејства. Доколку не се елиминираат таквите девијантни појави од кои произлегува лошо живеење на граѓаните што ги застапуваат, тогаш ќе недостасува и нивото на одговорност и во ситуации на евентуални кризи. Многу коректно е да се верува во промени, односно дека ќе следуваат позитивни чекори што можат да ги зближат политичките партии со добри проекти, кои, пак, би требало да ефектуираат со промена на партиските концепти.
Едно е сигурно, такви промени би можело да следуваат само под услов партиите што се на власт да не се влезени во организираниот криминал и да расчистиле со криминалците, односно корумпираните личности од своите редови што се наоѓаат на функции во разни државни структури. Доколку таквите лица се кријат под својата „важна државничка улога“, значи како дел од хиерархијата, тогаш, легално или нелегално, тие се обезбедени од тоа да бид��т откриени и судски гонети. Ако на овие можни девијантни појави им се додаваат и оцените дека се гради држава со корумпирана судска власт, тогаш реални се сомневањата оти организираниот криминал и криминалните групи можат да влијаат врз градењето владина политика. Овој вид криминал се вбројува и во социопатолошките појави, бидејќи му се заканува на моралниот интегритет на луѓето што сакаат да бидат да ги уживаат бенефитите во рамките на она што им ги нудат Уставот и законите на својата земја.
Се повторувам со едно мое поранешно размислување дека овие невредности придонесоа една категорија луѓе да паднат во морална криза, да се создадат трауми кај еден поголем слој од населението, да предизвикаат социопатолошки и разни психолошки последици. Една ваква состојба, без јасна економска и социјална перспектива, не може да биде без влијание врз нашиот граѓанин. Имено, последниве години бројот на семејствата што се погодени од негативниот социјален аспект е зголемен, се зголемува невработеноста, а, од друга страна, пак, постојат државни и локални чиновници што станале богаташи.
Ваквите однесувања на дел од луѓето од законодавната, извршната и од судската власт и од некои локални самоуправи, создаваат кризи, дестабилизација, трауми, кршења на човековите права. Овие граѓани во некоја блиска иднина ќе го загубат трпението, можеби и ќе го искажат својот револт. Ваквата размисла, секако, ќе им послужи и како утеха. Но, од друга страна, можеби политичарите богаташи и бедници ќе ја сфатат и како предупредувачка порака.
(Авторот е универзитетски професор) |