ЕДИТОРИЈАЛ
Огледалце мое, Најпопуларен кој е?!
Александра М. Митевска
Што е првото нешто што би му паднало на ум на еден домашен политичар ако некој го праша што посакува во Новата година?
Не станува збор за прашање од милион долари, туку за прашање што во македонски услови би можело да вреди неколку десетици отсто рејтинг!
Повеќето од нив сигурно би посакале двоцифрени проценти и едноцифрен пласман на листите на популарноста, кои, пак, во последно време повторно се во инфлација. А, како да не бидат, кога барем по еднаш неделно ги пуштаат во оптек разно-разни агенции и институти - помалку или повеќе релевантни.
Деновиве, сепак, беше постигнат своевиден рекорд, бидејќи две анкети осамнаа во едно исто деноноќие. Впрочем, би можеле само да нагаѓаме дали сондажата на десничарскиот институт „Димитрија Чуповски“ воопшто ќе се појавеше да не излезеше она фамозно истражување на ИФИМЕС од Љубљана, чии резултати испаднаа некомпатибилни со многу параметри што досега ни ги пласираа наши анкетари. Како што е прашање и дали опозиционерите немаше повторно да викаат „изборите се единст��ена вистинска анкета“, да не им го подигнеа Словенците моралот.
Оваа анкета не само што покажа помал број неопределени гласачи од вообичаено туку и сигнализираше дека во Македонија нема евроскептицизам, бидејќи поддршката за ЕУ и за НАТО изнесувала безмалку 100 проценти. Конечно, доаѓа она што можеби не е најавжно, ама секако е најпикантно - разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ паднала на само три проценти, кои, нели, би можеле да бидат и статистичка грешка !?
И, се крена врева каква што може да се очекува во политичка арена во која популарноста е основно мерило за успешност на политичарите! Се вжештија телефонските линии, почнаа лицитации околу издржаноста на анкетата и релевантноста на изворот, во партиските штабови се извадија огледалата... Секако, тука не мислам на „Медиумското огледало“ на институтот „Димитрија Чуповски“, кој кога не ја мери објективноста на одредени весници и на телевизии, им ги мери рејтинзите на партиите и на политичарите...
За меѓупартиските битки со анкети посоодветна е споредбата со огледалцето од сказната за Снежана. И тоа не само затоа што станува збор за приказна што најдобро поминува кај деца од претшколска возраст туку и поради тоа што само во волшебно огледалце лоша маќеа изгледа како убавица, кој потоа и' испраќа отровни јаболка на конкуренцијата, која се заканува да и' ја преземе круната, иако таа е од поодамна изгубена - бидејќи мнозинството е во рацете на „џуџињата“ (читај неопределените и оние што не сакаат да гласаат).
Анкетите, всушност, веќе подолго време не се одраз на нашата реалност. Врската меѓу нив е прекината откако ја изгубија примарната цел, така што наместо да го мерат пулсот, и' го креираат мислењето на јавноста. Да не беше така, можеби, ќе го немаше јазот меѓу високите рејтинзи на власта и големите проценти испитаници, кои сметаат дека земјата не се движи во вистинска насока или кои не се задоволни од стандардот, од брзината на евроатлантското интегрирање, од практикувањето на демократијата... |