Каматите уште ќе паѓаат
Гувернерот Петар Гошев наредната седмица ќе обелодени дали ќе има ново намалување на основната камата
Соња Маџовска
Можно ли е да има ново намалување на каматата на благајничките записи, што по трите намалувања во рок од само неколку месеци, сега е сведена на 6,5 отсто? Ова ќе се знае наредната седмица, за кога гувернерот на Народна банка на Македонија, Петар Гошев, најави дека ќе ги обелодени ревидираните проекции за монетарната политика. Тој на вчерашното одбележување на осумнаесетгодишниот јубилеј од монетарното осамостојување на Македонија истакна дека веќе нема причини за враќање назад кон затегната монетарна политика.
Дали тоа ќе значи дека ќе оди само напред, односно ќе има ново олабавување на монетарната политика, со намалување на каматите што потоа треба да донесат и поевтини банкарски кредити?
„Деновиве ги завршуваме проверките на досегашните проекции, односно вршиме репроектирање. Тие ќе бидат завршени многу бргу и по претстојниот празник ќе може да соопштиме дали овој тренд на релаксација на монетарната политика ќе продолжи. Во секој случај, нема причини за враќање назад, но се' уште вршиме проверки и ќе видиме дали ќе останеме на истото ниво за извесно време, или ќе преземеме дополнителни чекори“, изјави вчера Гошев.
Тој не откри дали НБМ ќе преземе чекор и во насока на намалување на стапката на задолжителна резерва што ја издвојуваат банките во НБМ, потег што го побараа директно банкарите. Според нив, доколку централната банка ја намали и стапката на задолжителна резерва, тогаш на банките им се отвора поширок простор за похрабро намалување на каматите.
Инаку, по последното намалување на основната каматна стапка, што се случи пред еден месец, банките дури деновиве реагираа и објавија пониски камати и на кредитите и на депозитите, а тие, главно, ќе важат од 1 мај. Во меѓувреме, банките најголем дел од слободните средства, место во стопанството ги замрзнуваат во централната банка, оставајќи секоја среда по над 100 милиони евра. По основа на благајнички записи моментно се врзани околу 400 милиони евра. Гувернерот Гошев не гледа ништо спорно во тоа што банките замрзнуваат огромни суми во НБМ. Според него, актуелните економските случувања во земјава го диктираат тоа. „Благајничките записи се инструмент со кој се управува ликвидноста. Тој инструмент е исклучително важен и ќе продолжи да функционира. Со управувањето на ликвидноста нема импровизации. Според тоа, се' додека е потребно централната банка ќе запишува и ќе отпишува благајнички записи. Нивната висина з��виси од фундаментите на економијата. Тие во овој момент ги оправдуваат овие политики на централната банка“, изјави Гошев.
Според него, нивото на девизни резерви моментно изнесува
1,630 милијарди евра, што е солидно ниво за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот. „Во овој период немаме раст, ниту одлевања од девизните резерви, нема интервенции во насока на продавање, има само мали флуктуации. Во целина капацитетот на НБМ за одбрана на девизниот курс преку нивото на девизни резерви, што изнесува не помалку од четиримесечна покриеност на увозот на стоки и на услуги, е солидно ниво за продолжување на одбраната на стабилноста на девизниот курс“, потенцира гувернерот. Тој не сакаше да коментира ништо околу најавата на Владата за ново задолжување преку еврообврзница, а соопшти и дека поради обврските во земјава, во Вашингтон на пролетните средби на ММФ и на Светска банка, НБМ ја претставувал вицегувернер. |