За трговска марка од 300 до 400 евра
Миркица Поповиќ
Дали жолтата ракија на рафтовите на маркетите е токму онаа брендовски позната жолта? Или, пак, црвените вина од специјална сорта или дел од детергентите од домашните фабрики? И оние малку брендови што постојат кај нас се лесна цел за фалсификување, бидејќи многу мал дел од нив се регистрирани и заштитени. Комитетот за заштита на интелектуални права при Американската стопанска комора смета дека е потребна поголема едукација на бизнис-секторот во делот на заштита на интелектуалната сопственост на трговските марки. Токму од оваа причина и со цел да се обезбедат повеќе информации за заштита на трговските марки, Американската стопанска комора вчера, на денот за заштита на интелектуална сопственост, го промовираше водичот за заштита на трговските марки.
Во Македонија регистрацијата на трговска марка чини од 300 до 400 евра, а процесот трае два-три месеци. Водичот за заштита на трговски марки, како што беше нагласено на презентацијата, е напишан на стил близок до оној на локалната бизнис-заедница. Направен е преглед на правната рамка, процесот на регистрација за заштита на трговските марки, како и на надлежните тела за регистрација и спроведување права од интелектуална сопственост.
Претседателот на Управниот одбор на комората, Илијанчо Гаговски, истакна дека се надева оти водичот ќе им помогне на компаниите да дејствуваат повеќе на полето на заштита на интелектуалната сопственост за да бидат и поконкурентни на светскиот пазар.
Веќе се направени неколку обуки на судиите, јавните обвинители и цариниците за повеќе да се информираат за суштината и значењето на оваа проблематика со цел побрзо да дејствуваат и да им даваат поголем приоритет и на овие предмети. |