Одбројувањето почна, кој ќе ги лапне „Чебрен“ и „Галиште“
Дали со грчката ППЦ и со австриска ЕВН претходно е направен политички дил во интерес на државава?
Маја Томиќ
Кој ќе го добие вредниот тендер за двете хидроцентрали „Чебрен“ и „Галиште“, за кои на крајот на јули завршува втората, претквалификациска фаза. Дали австриската ЕВН, која е веќе сопственик на македонската Дистрибуција, или можеби грчкото електростопанство ППЦ? Се шпекулира дека, како и да е, една од овие две компании ќе го добие тендерот и дека тоа веќе било начелно договорена работа. Се тргнува оттаму дека австриската ЕВН минатата недела, непосредно пред изборите, со Владата склучи договор за повлекување на тужбите против државата пред арбитражните судови во Вашингтон и во Лондон, што ќе ја чинеа државната каса повеќе стотици милиони евра, а според некои прогнози, дури и една милијарда евра. Што би значело дека, за сметка на тоа, Македонија е подготвена да и' го даде на ЕВН тендерот за двете големи хидроцентрали.
На прашањето дали има вистина во овие шпекулации, извршниот директор на „ЕВН Македонија холдинг“, Гинтер Офнер, деновиве избегна директен одговор и дипломатски рече дека австриската компанија се' уште многу внимателно ги разгледува сите опции за оваа инвестиција, а секако, морала да покаже интерес и да конкурира на тендерот бидејќи веќе од 2006 година управува со македонската дистрибутивна мрежа и би било корисно да биде и производител на електрична енергија.
Истовремено, за евентуалното добивање на тендерот од страна на грчкото ППЦ, неофицијално се зборува дека такво нешто би било од интерес и за нашава земја и за Грција. За нас, поради ублажување на ситуацијата со спорот за името, а за Грција, поради енергетските поволности што би ги добила земјата со значителните количества на струја што ќе потечат еден ден од „Чебрен“ и од „Галиште“ и што ќе можат да се извезуваат, односно да и' носат значителни приходи на земјата.
„Не би било во ред да има некакви партиски или државни игри и договори кога станува збор за каков било тендер, посебно за ваков еден значаен проект. Секогаш треба да е најважна каква ќе биде понудата и треба да победи најдобрата. Не би сакал да верувам во шпекулациите дека меѓу ЕВН и Владата е направен дил за ХЕЦ ’Чебрен‘ и ’Галиште‘, а ако тоа се покаже наскоро како точно, ќе биде многу лошо. Уште и ЕЛЕМ да им се даде ним и така тие ќе имаат целосна контрола врз македонскиот енергетски систем“, вели енергетски експерт, кој сакаше да остане анонимен.
Инаку, покрај ЕВН и ППЦ, во претквалификациска трка за двете централите се и австриската „Штрабаг“, италијанската „Едисон“, чешката „Енерго про“, британската „АЕС електрик“, кинескиот конзорциум ЦВЕ и ЦТГПЦ, индиско-корејскиот „Ланцо и Комипо и КХНП“, корејскиот „Косеп и Даелим индустријал“ и австриско-исландскиот конзорциум „Пор и Ландсвиркјун“.
ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“ треба да се градат на Црна Река, според принципот на јавно приватно партнерство со државната ЕЛЕМ, која ќе остане сопственик на постојната ХЕЦ „Тиквеш“. Според првични пресметки на Владата, проектот тежи 540 милиони евра, а пазарната цена ќе се утврдува дополнително и таа ќе биде значително повисока. Кога ќе се реализира, се цени дека ова ќе биде најголемата инвестиција во земјава.
Вкупното производство на струја од двете централи треба да изнесува колку сегашното целосно производство на енергија од македонскиот хидросистем, или околу 1.100 гигават-часа годишно. Според проектот, инсталирана моќност на ХЕЦ „Чебрен“ ќе биде од 333, а на „Галиште“ 193 мегавати. |