Расте бројот на наши азиланти во Швајцарија
Берн - Во мај годинава во Швајцарија биле поднесени 2.254 барања за азил, што е за 51 отсто повеќе од април кога нивниот број изнесувал 1.495. Најбројни се барателите на азил што доаѓаат од Еритреја (545 барања), Тунис (342 барања) и од Македонија (184 барања). Барателите на азил со македонско државјанство, веќе втор месец се најдоа на третата позиција. Во мај нивниот број се зголемил на 184 барања, во споредба со април ко��а биле доставени 127 барања за азил.
Во соопштението на швајцарското биро за миграција, повторно јасно се нагласува дека најголем број подносители на барање за азил од Македонија се по потекло Роми, кои ја напуштиле земјата поради отсуство на социоекономски перспективи во земјата. Македонија од 2003 година се смета за сигурна земја, со што за сите барања за азил кои се поднесени од македонски државјани, според општото правило, се носи одлука за нивно неприфаќање од швајцарските власти. (МИА) |