Не се знае колку деца се незапишани во матичните книги на родени
Децата без матична евиденција не можат да остварат право на образование, здравствена и социјална заштита...
Снежана Калабакова
Во Македонија се' уште има деца кои не се запишани во матичната евиденција на родените и ниту еден орган или институција нема податоци колку и кои деца немаат изводи на родените и кои се причините за тоа. Некакви сознанија дека има вакви деца имаат само неколку општини - Василево, Делчево, Карпош, Прилеп, Старо Нагоричане и Шуто Оризари, а од институциите - Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Скопје, потоа Дневниот центар за улични деца и МВР. Децата без матична евиденција не поседуваат никаква документација, а тоа, пак, ги прави да бидат дискриминирани во остварувањето на правото на образование, на социјална и здравствена заштита...
Според сознанијата на невладините организации кои се занимавале со оваа проблематика, најчесто во матичната евиденција не се запишуваат децата од ромската популација и тие остануваат без лични документи поради административните процедури и високите трошоци за стекнување државјанство, но и поради неедуцираноста на родителите. Ова се само дел од сознанијата и на народниот правобранител до кои дошол откако ја истражувал оваа проблематика, но тој не добил податок дали некој од субјектите кои, според Законот, треба да го извршат пријавувањето е казнет прекршочно, иако такви казни се предвидени. Народниот правобранител, немајќи друга можност, им дава неколку препораки на државните институции, а пред се' да извршат истражување и анализа на состојбата. Препорачува да се утврди кои и колку деца не се запишани во матичната евиденција за да може да се надмине проблемот. Тој смета дека е потребно да се утврдат и причините поради кои децата не се запишуваат во матичната евиденција и во таа насока бара да се преземат соодветни мерки. За да нема вакви појави, народниот правобранител смета дека е потребно да се поедностави постапката и да се предвиди можност за ослободување од какви било трошоци за лицата кои се во тешка социјална положба.
Ана Панчева, координаторка на проектот „Деца од улица“, вели дека проблемот со матичната евиденција на децата е огромен и од него потоа се провлекуваат редица други, како што е запишување во училиште, здравствена заштита, особено кога е потребо подолготрајно лекување и хоспитализирање.
„Поголем процент од децата немаат матична евиденција и основно за ниво да им се обезбедат документи за што, пак, соработуваме со невладини организации кои финансиски го помагаат тоа. Правиме напори да ги вклучиме во образованието. Досега имаме добро искуство со з��равствените установи и тие ни излегуваат во пресрет кога треба да се направат систематски прегледи на овие деца или да се вакцинираат. Најчесто непријавени се децата родени дома, оние чии родители се неедуцирани или најчесто мајката и самата има несредена лична документација“, вели Панчева.
Искуствата покажале дека овие лица, токму поради немање лични документи, не можат да остварат и право на парична помош.
За разрешување на проблемот, народниот правобранител им препорачува на институциите и на сите надлежни државни органи да ги координираат своите активности за да не остане ниту едно дете незапишано во матичната книга на родените. |