Ребалансот во сенка на нетрпеливоста и навредите
Опозицијата обвини дека инвестициите со кои оваа Влада се фали се одработени од СДСМ
Александрија Стевковска
Доцнење на почетокот на собраниската седница, лични навреди и говори кои беа за се' друго освен за ребалансот, реплики на репликите и многу пријавени дискутанти, беа главната слика на вчерашниот втор ден од расправата за ребалансот на буџетот.
Опозицијата обвини дека инвестициите со кои оваа Влада се фали, а во земјава влегоа за време на нејзиното владеење, се одработени од СДСМ. Опозиционерите повторно го оценија ребалансот на буџетот како катастрофален, кој ќе ја доведе државата до уште поголема економска криза. Тие нагласија дека државата е на најниско ниво во регионот по привлекувањето странски инвестиции, нема забележано намалување на невработеноста и не се исплатени субвенциите во земјоделството. Наспроти нив, парламентарното мнозинство повторно потенцираше дека ребалансот на буџетот нема да падне на товар на граѓаните и на стопанството и дека ќе се зачува фискалната и социјалната стабилност на државата.
„Владата е банкрот блуз бенд. Тоа го докажува со доцнењето на платите, стипендиите, повратот на ДДВ, со што Владата стана најголем должник во државава. За четири години оваа Влада расипнички потроши повеќе од четири милијарди евра и јас ќе прашам, ’каде се парите‘?. Виктор Мизо и Веле Самак велат дека се потребни две-три години за да се донесат инвеститори во земјава. Тоа значи дека досегашните инвестиции со кои оваа Влада се фали се одработени од Владата на СДСМ. А вие не само што сега не носите инвеститори, туку сакате да ги избркате и оние што се веќе тука“, истакна пратеникот на СДСМ, Владо Бучковски, реплицирајќи на говорот на Крсто Мукоски од ВМРО ДПМНЕ.
За Мукоски, благодарение на добро поставената макроекономска стабилност, државата успеала да не се почувствува светската криза така како што ја почувствувале другите европски земји. Според него, добро е што е задржана даночната политика на најниски даноци, нема намалување на платите и на пензиите и што со ребалансот се обезбедени дополнителни средства за одредени сектори, како што се здравството, пензискиот систем и социјалната заштита, а се скратени капиталните инвестиции кои имаат увозна компонента, како што се музејот на восочни фигури, автобусите, жичарницата.
На ова реплицираше Јани Макрадули од СДСМ, кој обвини дека на сметка на зголемените средства на општина Центар за околу шест и пол милиони евра наменети за споменици, намалени се дневниците на припадниците на МВР и на јавната администрација.
За Игор Ивановски од СДСМ, сите оправдувања на власта за ребалансот не држат. „Свесно ја лажете јавноста. Вашите прогнози потфрлаат на секој чекор. Министерот на финансии е како заскитан куршум, за кој не се знае каде ќе заврши. Ставрески ќе го понесе епитетот на гробар на македонската економија. Се двојат пари за нови возила, а велите криза е. Лажете дека ќе вработите само 5.000 лица, а нивниот број изнесува 30.000. И зошто, доколку планирате вработување на дел од нив, ставката за привремени вработувања останува иста. Се плашите од народот. Кратењето на платите на министрите што го најавувате годишно ќе значи заштеда од 24 милиони евра, кои вие ги трошите за ручеци“, објасни Ивановски.
Томе Чинговски од СДСМ рече дека земјата е пред сериозна финансиска криза и оти кратењето од 76 милиони евра е смешно. Според него, државата не е во можност да ги намири обврските кон компаниите, за што доказ се најновите измени на Законот за јавни набавки, нема средства за исплата на породилно боледување, за второ и за трето дете, за договори на дело, а се задолжува и надвор за да ги исплати пензиите.
Според министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески, во услови кога цела европска економија остваруваше пад на БДП од пет до шест проценти, Македонија не можеше да оствари повеќе од тоа што го направи, а тоа е минимален пад на економската активност. „Нереално е да се ветува и да се очекува дека во такви околности нашата економија, која и претходно имаше многу структурни проблеми, и македонските фирми, кои и претходно се бореа со неконкурентноста, да можат да остварат повеќе. Секогаш ќе настојувам да бидеме реални во тоа што го правиме и што го ветуваме, во однос на она што може во вакви околности. Во вакви околности нашиот примарен предизвик е да ја зачуваме стабилноста за да не дојде до поголеми потреси“, нагласи Ставрески. |