Европа со пофалби за грчкото штедење
Атина - Претседателот на еврогрупата, Жан-Клод Јункер, и комесарот за економски и монетарни прашања на ЕУ, Оли Рен, изразија задоволство од процесот на буџетското стабилизирање на Грција. Овој нивен став беше изразен на крајот од средбата на министрите од еврозоната во Брисел.
Жан-Клод Јункер изјави дека стабилизирањето на грчката економија во првите шест месеци од годинава ги надмина сите очекувања, а еврокомесарот Оли Рен рече дека планот за рестрикции на владата во Атина, како и применувањето на меморандумот договорен со ЕУ и со ММФ се многу задоволителни.
Двајцата европски функционери додадоа дека до крајот на јули во Атина ќе има втора посета на експерти од Комисијата, Европската централна банка и од Меѓународниот монетарен фонд, па врз основа на нивните заклучоци во септември ќе се донесе одлука за доделување на втората транша од заемот за Грција.
Доказ дека пофалбите од Европа не се за бадијала и оти таа има зошто да биде задоволна, е фактот што буџетскиот дефицит на Грција во првата половина од оваа година е намален за 46 проценти на годишно ниво, односно на 9,65 милијарди евра. Ова вчера го соопшти грчкото министерство за финансии, додавајќи дека полугодишниот пад на дефицитот е поголем од планираниот, кој изнесуваше 39,5 проценти.
Владата, како што наведе министерството за финансии, успеала да ги намали трошоците во однос на првото полугодие од минатата година, за 12,8 проценти, при што значително се намалени јавните финансии, чија вредност опадна за 40 проценти, односно на 3,7 милијарди евра.
Но, проблем е што владата се' уште не ја исполнува целта за раст на буџетските приходи. Имено, во првите шест месеци, од даноци и од други плаќања, буџетските приходи се зголемени само за 7,2 отсто, во споредба со планираните 13,7 проценти.
Наведените податоци се однесуваат само на буџетот на централната власт, а не и на комплетните јавни финансии, кои се вистински показател за Европската унија. Комплетните јавни финансии ги опфаќаат и чувствителните области, како што се социјалниот и пензискиот систем.
Инаку, Грција вчера пушти на пазарот шестмесечни државни обврзници во вредност од 1,25 милијарди евра. Ова се случува прв пат откако владата во Атина потпиша меморандум со ЕУ и со ММФ за отпуштање кредити за Грција за надминување на должничката криза.
Атина веќе ја доби првата транша од договорениот спасувачки план со ЕУ и со ММФ во вкупна вредност од 110 милиони евра. (Ек.Р.) |