Признание за Соботковски
Еден од најдобрите македонски кик-боксери, балканскиот шампион во К-1б Нинослав Соботковски доби покана да настапи вечерва на големиот спектакл што ќе се одржи во Пула и на кој ќе учествуваат повеќе боксери од Хрватска, Србија, Австрија, Италија, Босна и Херцеговина. За првпат во својата куса, но богата кариера, младиот Соботковски нема да настапи во својата дисциплина К-1 во која се наоѓа на третото место на светската јуниорска ранг листа туку во бразилско џиу-џицу. За овој настап тој се подготвуваше во Белград под раководство на светскиот шампион Саша Миличевиќ.
По настапот во Пула Ниносав Соботковски ќе ги продолжи подготовките за големиот спектакл под назив „Ноќта на хероите“ што ќе се одржат во салата „Борис Трајковски“ на 8 септември.
Ќе настапат десетина најдобри боксери од Србија, Хрватска, Бугарија, Холандија и од Македонија. Тоа ќе биде и генерална проба, не само за Соботковски туку и за најдобрите кик боксери од Македонија пред настапот на Европското првенство што ќе се одржи од 25 до 30 октомври во Баку во Азербејџан. (М.М.) |