Број 3367  среда, 25 август 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Спорт

Вардар службено го загуби мечот со Хоризонт

Црвено-црните дадени на Дисциплинска комисија што треба да одреди и дополнителни казни за неодиграниот меч во Турново

Миодраг Мицковиќ

Фудбалерите на Вардар скапо ќе ги чини неодигрувањето на првенствената средба од четвртото коло со Хоризонт во Турново. Поради наводно труење на 11 фудбалери, Вард��р, како што е познато, побара да се одложи мечот во Турново од комесарот за натпревари приложувајќи 11 лекарски потврди дека неговите играчи се пожалиле во една приватна амбуланта на болки во стомакот и повраќање. Врз основа на тие потврди комесарот на ФФМ Миле Спирковски го одложи мечот и го закажа во нов термин, понеделник 23 август. Меѓутоа, вардарците не го прифатија и новиот термин, бараат средбата да ја одиграат за 10-ина дена, бидејќи во тие лекарски потврди пишува дека играчите треба да се јават на контрола по десетина дена.

Со оглед дека нема други докази за тоа мистериозно труење на 11 фудбалери на Вардар за што не е известена ниту Инфективната клиника во Скопје, ниту Санитарната инспекција како што тоа го налагаат прописите во случај на труење на повеќе лица, комесарот за натпревари го регистрира неодиграниот меч меѓу Хоризонт и Вардар со 3:0 службено за клубот од Турново, додека Вардар е предаден и на Дисциплинската комисија за натамошна постапка и доколку се утврди дека целото ова труење било симптоматично и непотврдено Вардар го очекува уште една драстична казна минус 3 бода и 2.500 евра.

Уште еден загубен меч со службен резултат во текот на првенството ќе значи и автоматско исфрлање на Вардар од Првата лига што може лесно да се случи со оглед на големата беспарица во нашиот за жал, најтрофеен клуб. Освен тоа сигурно дека и надлежните органи надвор од Фудбалската федерација ќе побараат одговорност и од приватната амбуланта „Д-р Ружа“ која била должна да го пријави ова масовно труење за да се установи каде биле затруени фудбалерите на Вардар. Но, тоа не е сторено. Дека Вардар се наоѓа во голема криза покажува и податокот дека му е откажано гостопримството во Арената „Филип Втори“ поради поголеми долгови што не ги плаќал за користење на стадионот кога ги играл неговите првенствени натпревари веќе подолго време. Како што дознаваме сумата изнесува повеќе од два милиона денари. Поради тоа е доведено во прашање и одигрувањето на саботниот првенствен меч со Пелистер, кој треба да се одигра во Скопје на Арената Филип Втори каде практично Вардар ги игра своите натпревари. Доколку раководството на стадионот не попушти Вардар ќе мора да бара нов терен каде ќе ги игра своите мечеви. Тоа се стадионите на Цементарница, во Ѓорче Петров и во Чаир. Но, и за тоа се потребни пари, кои Вардар ги нема.

Интересно е да се напише дека мечот меѓу Хоризонт и Вардар сакал да го гледа и нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев кој два дена со дозвола на клубот и тренерот Бенитез престојувал во Струмица за да го види својот син Филипе. Сепак, не заминал за Турново откако му кажале дека мечот нема да се одигра, а потоа отпатувал за Солун каде што го чекал приватниот авион со кој допатувал од Милано.

Инаку, на стадионот во Турново бил присутни сите службени лица на чело со кумановскиот судија Далибор Ѓорѓевски, делегатот, контролорот Стојан Стојанов од Валандово како и стотина навивачи на Хоризонт од Берово кои во Турново допатувале со два автобуси за да ги бодрат играчите на Хоризонт но, патот им бил залуден, ги немало играчите на Вардар.


#
Статијата е прочитана 484 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Спорт
Британија потопена во Скопје
Рибери најплатен во Бундеслига
Вознијацки за четири часа славеше двапати
Признание за Соботковски
Мозли