Здравев и Мишева влегоа во Одборот на директори на „Т-мобиле“
Владимир Здравев и Ирена Мишева и официјално по владин предлог станаа неизвршни членови на Одборот на директори на „Т-мобиле“. Одлуката беше донесена на вчерашната седница на Собранието на компанијата. Здравев и Мишева пред само два месеца се откажаа од своите директорски места во МЕПСО и Фондот за здравствено и пензиско осигурување по барање на Државната комисија за спречување корупција поради судир на интереси. За новите функции на Здравев и Мишева, кои се членови на Советот на Општина Центар и Советот на Град Скопје, од Антикорупциска велат дека нема судир на интереси, бидејќи компаниите во кои се назначани не се во мнозинска сопственост на државата.
Како што информираат од „Т-мобиле“, за неизвршен член на Одборот е избран и Тамаш Вагани, кој, исто така, е избран и за неизвршен член на Одборот на директори на „Македонски телеком“.
Старо-нови членови на Одборот се и Јанош Сабо и Горан Ивановски, кој доаѓа по предлог на Владата.
На Собранието на „Т-мобиле“ Жарко Луковски ја задржа функцијата главен извршен директор на компанијата
„Истовремено заради успешно продолжување на соработката меѓу главните акционери, Собранието на „Македонски телеком“ го реизбра г. Николај Бекерс за член на Одборот на директори, кој, исто така, од страна на Собранието на „Т-мобиле“ беше реизбран и за неизвршен член на Одборот на директори“, информираат од компанијата. (Ек.Р.) |