Првпат интерпелација за пратеник
Александар Николовски сепак ја доби довербата
Парламентарното мнозинство вчера ја отфрли како неоснована интерпелацијата за работата на претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Александар Николовски, поднесена од пратеничката група на СДСМ. Ова се случува првпат во досегашната парламентарна практика Собранието да расправа за интерпелација на пратеник.
Социјалдемократите бараат Николовски да биде отповикан од функцијата претседател на Комисијата, бидејќи сметаат дека не го почитувал Уставот кога се решавало за одземањето на имунитетот на пратениците на ДУИ, Хисен Џемаили и Хајрула Мисини. Инаку, Мисини вчера присуствуваше на собраниската седница, а спикерот Трајко Велјаноски повторно го прочита Џемаили како оправдано отсутен.
Од СДСМ велат дека Николовски, спротивно на Деловникот, на седницата на Комисијата без да заврши дебатата за одземање на имунитетот на пратеникот на ДУИ, Хисен Џемаили, обвинет за малтретирање на градежните работници од „Маврово“ во конфликтот во 2001 година, ветил дека Џемаили ќе се појавува на судските рочишта.
Горан Минчев од СДСМ рече дека Николовски треба да даде оставка од местото претседател на оваа собраниска комисија, како морален чин.
Одговарајќи на наводите во интерпелацијата, Николовски рече дека ова е преседан, „бидејќи првпат во историјата на македонскиот парламент пратеници да поднесат интерпелација на пратеник, што говори за демократскиот амбиент“.
Во претпладневниот дел на расправата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, рече дека интерпелацијата е неоснована и почива на невистини. „Скандалозно продолжувате со искажување невистини, велејќи дека Александар Николовски во својство на претседател заклучил и јавно гарантирал дека пратениците на ДУИ, Хисен Џемаили и Хајрула Месими, во иднина ќе се појавуваат редовно во судот, поради тоа што ја затвори натамошната расправа по точката, оценувајќи ја како беспредметна“, истакна Бонева. (П.Р.) |