Проблем со новата ДИК поради жените
Во составот што беше избран вчера има само една една жена
Оливера Војновска
Собранието вчера го избра новиот состав на ДИК, но ваквата одлука е проблематична поради тоа што меѓу членовите има само една жена. ЛДП размислува да поведе постапка пред Уставниот суд, бидејќи смета дека е прекршен Изборниот законик, со кој е предвидено дека во сите изборни органи треба да има најмалку 30 отсто од помалку застапениот пол. Кога овој принцип ќе се примени на ДИК, произлегува дека во седумчлената екипа треба да има најмалку две жени.
Ова становиште го делат и либералите и НСДП, но и СДСМ, чии пратеници гласаа за споменатата одлука, а одговорноста ја префрлуваат на ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот од СДСМ, Емилијан Станковиќ, вели дека одлуката за составот на ДИК е спротивна на Изборниот законик и додаде дека тие предложиле една жена, но тоа не го сториле од ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија вели дека во посебна глава во Изборниот законик е определен начинот на избор на ДИК и дека таму не е наведен условот - најмалку една третина од членовите да се жени. Сепак, вчера никој не знаеше да каже дали постои опасност да се искомплицира одржувањето на изборниот процес доколку се покаже дека изборот на ДИК е противуставен.
Претседателката на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените, Лилјана Поповска, која гласаше за изборот на составот на ДИК, во изјавата за медиумите признава дека одлуката е спротивна на Изборниот законик и најави дека Комисијата ќе заседава на оваа тема. Но, Поповска одбегна конкретен одговор за тоа која е смислата ова тело да заседава откако изборот на ДИК во парламентот е веќе направен.
Инаку, Собранието вчера со јавно гласање го избра новиот состав на Државната изборна комисија, бидејќи во првиот обид при електронското гласање одлуката не помина за еден глас - позитивно се изјаснија 79 пратеници. Тоа не беше доволно, бидејќи ДИК се избира со двотретинско мнозинство, односно најмалку 80 гласа. Потоа, ВМРО-ДПМНЕ побара поименично гласање, при што „за“ гласаа 87 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, против беа тројца од Нова демократија и НСДП, а воздржани немаше.
Двајцата пратеници од ЛДП и Нова алтернатива, Андреј Жерновски и Ѓ��рѓи Оровчанец, ја напуштија седницата пред изјаснувањето. Жерновски го следеше јавното гласање со новинарите од собраниската галерија и дофрлуваше „браво, браво“ кога Поповска ја поддржа одлуката. Тој, исто така, го коментираше и отсуството од седницата на шефиците на пратеничките групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Цветанка Иванова и Силвана Бонева.
Во старо-новиот состав на ДИК се избрани: Александар Новаковски - претседател, Субхи Јакупи - заменик-претседател, Јосиф Јосифовски, Тања Алтанџиева, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Бедредин Ибраими - членови на Комисијата. |