Се знае само кој нема да се кандидира за претседател
Според тоа што самите го изјавуваат, на изборите нема да учествуваат Бранко Црвенковски, Тито Петковски, Стојан Андов и Ристо Пенов
Претседателските избори остануваат мистерија, партиите и натаму ги кријат адутите
Оливера Војновска
Додека теренот за градоначалничките избори почна полека да се обработува - владејачката партија ги објави имињата на неколкумина кандидати, а некои од претендентите ги засилија јавните настапи, претседателските избори и натаму остануваат мистерија. Партиите ги кријат адутите со кои ќе влезат во претседателската трка и засега се знае само кој нема да ја трча.
Според тоа што самите јавно го изјавуваат, во оваа претседателска битка нема да учествуваат шефот на државата, Бранко Црвенковски, како и двајцата поранешни претседатели на Собранието, Тито Пековски и Стојан Андов. Ексградоначалникот на Скопје, Ристо Пенов, кој беше споменат во една анкета на ИРИ, а неговото име се изврте и во медиумите, иста така, вели дека не е заинтересиран ниту за највисоката функција во државата ниту да се врати на челната позиција во главниот град.
Сепак, во политиката се' е можно. Искуството ни говори дека изненадувања може да се случат и во последниот момент - пред номинацијата на кандидатите за претседателски избори. Црвенковски во неколку наврати кажува дека нема да води битка за уште еден претседателски мандат, туку планира да се врати во врвот на СДСМ. Тој во неделата во интервјуто за магазинот „Ние“ на Сител прилично експлицитно повторно кажа дека нема да се кандидира.
Неговиот СДСМ, како што неодамна кажа в.д. претседателот Зоран Заев, од стратегиски причини до февруари нема да ги соопшти имињата на кандидатите за претседател и за градоначалник на Скопје. Како одговор на ВМРО-ДПМНЕ, која исто така ги крие фаворитите за овие две функции.
Почесниот претседател на либералите, Стојан Андов, забележува тенденција на маргинализирање на претседателските избори. „Мислам дека енергијата е насочена на локалните и таму ќе се водат битките. Претседателските избори се заобиколуваат во сите политички активности. Никој не зборува за тоа, има целосен молк и сите активности се одложуваат за февруари“, вели Андов. Притоа додава дека во континуитет со навреди и потценување се деградира оваа институција. Според него, целата таа атмосфера придонесе и во јавноста да нема некој значаен интерес за неа.
Андов нема да се кандидира на овие избори. Пред девет години тој учествуваше на претседателските избори, но тогаш не успеа да влезе во вториот круг и го поддржа експретседателот Борис Трајковски. „Не, сега не би се нафатил да влегувам во избори. Постојаните конфликти меѓу претседателот и Владата ми укажуваат дека дури и во најповолни услови човек не може да постигне нешто“, смета Андов.
Неговите либерали нема да истакнат сопствен кандидат за претседател и најверојатно ќе го поддржат оној на СДСМ. „Ние, сепак, сме мала партија. Треба да се впуштиме во собирање потписи, а тоа е скапа и макотрпна работа. Има расположение да се поддржи кандидатот на СДСМ. На ЛДП и' посакувам се' најдобро, ама мислам дека нема да собере потписи. Доколку собере, тогаш некој веројатно ќе и' помогне, па нема да се се знае чиј е кандидатот“, додава Андов.
Неговиот ривал на претседателските избори во 1999 година, Тито Петковски, исто така, не планира вторпат да си ја испроба среќата. „Не, такво нешто не доаѓа предвид“, изјави неодамна Петковски, искажувајќи сомнеж дека и овој пат „играта ќе ја водат оние што го направија фалсификатот пред девет години“.
Инаку, Петковски, поучен од искуството, не му верува на Црвенковски дека нема да се кандидира. „Тој рече дека нема да се кандидира, но може и да одрече, како што направи во 2004 година и стана претседател“, коментираше во медиумите Петковски. |