Сите цивилизации започнале со поезија
Денеска и утре во Велестово ќе се одржи 23. издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“
Со литературни читања, поетски митинг, портрет на поетот на годината, изложба, промоција на монографии, драмски претстави... во Велестово уште еднаш ќе се слави поезијата. В петок и в сабота, по 23. пат ќе се одржи манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, една од највпечатливите поетски манифестации. Изминатите години на манифестацијата е претставено творештвото на многумина бардови на нашата литература, како што се Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Јордан Плевнеш и други. Годинава ќе биде претставен поетот Владимир Мартиновски, македонски есеист, поет и прозаист, доцент на катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во рамките на манифестацијата е предвидено отворање ликовна изложба на Емилија Лазаревска, академска сликарка од Скопје. Ќе биде поместена и изложба на рачно изработен накит од Елена Ристовска и од Глигор Кузмановски, а ќе настапи и бендот „Старовски“.
Селото Велестово се наоѓа на источната страна од градот Охрид, во падините на планината Петрино. Од него може да се ужива во прекрасниот пејзаж на Охридско- струшкиот регион и во преубавото езерско синило. Од 1988 година, секоја година кон средината на август се одржува интернационалната манифестација „Поетска ноќ во Велестово”, на која учествуваат врвни познати уметници од различни земји.
„Манифестацијата има цел уште повеќе да се доближи до исконскиот праизбор, бидејќи сите цивилизации започнувале со поезија. Поезијата е сублимат на еден јазик, на еден народ. Тоа се случува и со македонската поезија и во овој свет каде што доминира технологијата и во кој влегува јазикот во некоја глобализација, можеби само поезијата ќе остане како далечен одглас на она што го доживува низ векови еден народ“, вели Славе Ѓорго Димоски, основач на манифестацијата. (Н.П.) |