„Мајки“ на Манчевски во потесниот избор за „Феликс“
Филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски е меѓу четириесетте најдобри европски филмови што ги селектираше Европската филмска академија - ЕФА во потесниот избор за номинација за наградата Европски оскар познат и како „Феликс“.
Согласно регулативата, „Мајки“ е избран од страна на Комисијата на ЕФА како еден од препорачаните 20 филма за 2011 година, од вкупната европска филмска продукција во таа го��ина. Другите 20 филма ги номинира членството од дваесетте најголеми држави во Европа.
Како што истакна на вчерашната средба со новинарите директорката на „Манаки Филм“, Татјана Ќурчиевска-Пепељугоска, „преостанува да се подготви стратегија за лобирање за да се добие ова престижно признание со испраќање на 2.400 ДВД до сите членови на ЕФА. „Вклучувањето на ’Мајки‘ во листата на најдобри европски филмови претставува огромен успех како за филмот, така за македонската кинематографија, воопшто. Овој ’Оскар‘ не би требало да го пропуштиме“, рече Ќурчиевска Пепељугоска.
Таа на една година од првата прес-конференција одржана за филмот на Манчевски „Мајки“ во врска со светската премиера на филмот на реномираниот фестивал во Торонто, посочи дека „ова дело на Манчевски беше најгледан филм во Македонија во 2010 година, освои две награди на Белградскиот филмски фестивал, како и наградата на филмските критичари на Европа и Медитеранот ’Федеора‘. Во рамки на фестивалската презентација досега филмот е прикажан и селектиран за прикажување на 40 фестивали. До крајот на годината го очекуваат пет фестивали во САД, фестивалот во Севилја во ноември, во Минск и во Москва, а во 2012 година и фестивалот во Трст. Доделувањето на наградата „Европски оскар“ ќе се одржи во Берлин во декември годинава. (К.Р.)
|