Денот на незаборавот одбележан на Британските гробишта
На Британските гробишта во Скопје, вчера во присуство на претставници на британската амбасада, дипломатскиот кор и претставници на македонското Министерство за одбрана, беше одбележан Денот на незаборавот, посветен на милионите загинати војници во војните во изминатиот еден век. Денот на незаборавот или Денот на булката се одбележува секоја година во втората недела на ноември, во чест на крајот на Првата светска војна, која заврши во 11 часот, на 11. ден на 11. месец од 1918 година. Дури 45 милиони булки, симбол на незаборав за загинатите, беа поделени годинава низ светот.
На Британските воени гробишта во кругот на црквата „Св Архангел Михаил“ почиваат 124 војници, кои загинаа во Првата светска војна.
Централната манифестација, која ја одбележуваат, пред се', Британија и земјите од Комонвелтот (но ја прифатија и други земји), ја одржа кралицата Елизабета Втора во Лондон, додека принцот Вилијам присуствуваше на специјалната служба во Авганистан. (Д.Ч.) |