Страв ни е да протестираме
Уметниците во Холандија врескаа во знак на протест зашто Владата им ги намали средствата за култура
Тина Иванова
Протестот е дел од културата на едно живеење. И за протест, како и за се' друго, потребно е традиција. Ние ја немаме таа навика. Се чини кај нас уметниците се задоволни од состојбата во која се наоѓа културата, па молчат. Молчат особено оние што работат во културните институции, плашејќи се да не ја изгубат својата работа, или својата позиција. Некои од нив велат дека тешко сега би излегле на протест, или би искажале јавно некакво незадоволство, зашто Владата им ги покачи платите. Други, пак, велат дека реалноста покажува нешто сосема друго, земајќи ја предвид општата економска состојба во државава. Но, културата овде не е независна, не е слободна, па оттаму и стравот на уметниците јавно да зборуваат за своите проблеми. А нив ги има многу.
Во Европа, протестите на културните работници се честа појава. Последниот пример е поврзан со Холандија. Поради владиниот план да ги намали средствата за култура во наредните пет години, Холандија се соочи со протести на уметници, музичари и медиумски работници, кои на 20 ноември своето незадоволство го изразија во неколку града во земјата. На уметниците им се придружиле над илјада граѓани. Организаторот на протестот наречен „Холандски вресок за култура“ ги повикал граѓаните заедно со нив да врескаат за да го изразат револтот. На главниот плоштад во Амстердам се собрале 20 илјади луѓе, во Хаг бил организиран вечерен собир по затворањето на театрите и кината со настап на оркестарот „The Last Post“ и една минута молк, додека во Утрехт се собрале над 2.500 луѓе каде што била изведена Деветтата симфонија од Бетовен...
Нашите соговорници се едногласни во мислењето дека постои страв да се искаже незадоволството јавно. Ги прашавме и што мислат за општата атмосфера во која се наоѓа културата. Велат дека моментно ништо драстично и спектакуларно не се случува за да се излезе на улица, но дека тоа е состојба на апатија, која уште повеќе заплашува.
Костадин Шурбановски од „Скопскиот џез-фестивал“ вели дека кај нас никој нема шанси да излезе на улица, а особено не уметниците. „Немаме култура на протестирање. На прашањето дали сум задоволен од тоа каква е моментно ситуацијата во културата, ќе кажам само дека културата е одраз на општествените состојби. Не можеме да очекуваме светска култура, ако имаме економија од африканско ниво. А, во Европа е логично кога ќе им скратат и еден долар, луѓето да излезат на улица. Зашто, и тоа е култура, тоа е традиција на протестирање. Кај нас тоа го нема. Имаме култура каква што си заслужуваме“, истакнува Шурбановски.
Режисерот Срѓан Јаниќиевиќ вели дека за ова прашање се согласува со се' што кажува познатата песна од култниот панк бенд „Клеш“, насловена „White riot “ или во превод „Протест на белците“. Тој смета дека за протести секаде се плашат луѓето, не само кај нас. „Проблем е кога живееш во мала држава. Сите се знаат со секого и нормално е да постои страв. Но, таа молчи-трај политика не е од сега, туку ни е наследена. Не можеш да се побуниш за што било, зашто тогаш веднаш ќе те стават во некоја фиока и, се разбира, дека потоа нема да се чувствуваш баш пријатно“, вели Јаниќиевиќ. Неговото мислење е дека во културата денес не ни се случува нешто драстично за да се излезе на протест. Вели дека и порано не било подобро, дека во прашање се само нијанси, а не бои. „Сметам дека требаше порано да протестираме, а не сега кога се' се распаѓа. Имаме скромен капацитет за што било. За која било побуна, за која било приказна. Скромен ни е човечкиот потенцијал“.
Ненад Стевовиќ, главен и одговорен уредник во издавачката куќа „Или-или“ истакнува дека сферата на културата стана малку поспецифична откако се осамостоивме како држава и откако почна да се развива некаква пазарна економија. „Во Македонија има мал пазар, а ние од сферата на културата бајаги сме зависни од државата и од нејзината финансиска помош, која во секој случај е добредојдена. Во таа мера сме зависни од неа, што дури и ко��а ќе се намали, тешко би излегле на некаков протест, тешко би покажале некакво незадоволство. Се плашиме од ризикот да не го изгубиме и тоа малку што го имаме. Можеби таков ни е менталитетот. Проблемот е што ние еснафски сме многу разделени. Во издавачкиот еснаф, на пример, не го гледаме заедничкиот интерес, секој си гледа за себе. Овде не сме сите еднакви на пазарот. Економските моќници, од една страна, ги уриваат сите стандарди, а од друга страна, се миленици на државата, држат монопол. Ние сме како робови во вреќа. Затоа, протест вистински, како еснаф, нема шанси да се создаде“, вели Стевовиќ.
За фронтменот на музичката група „Фолтин“, Бранислав Николов, во Македонија сме научени да имаме непроменлива позиција во системот. Односно, системска позиција на која се навикнавме. „Мислам дека ни треба промена во колективниот ментален склоп. Не е работата во тоа само да се излезе на протест, туку тоа треба да се направи сериозно, за да не биде крајниот резултат исмејување. Луѓето кај нас треба да се похрабри. И, треба да се информираме повеќе за тоа што се случува надвор. Ако нешто таму некаде надвор успеало, во одредена проблематика, треба да го следиме тој пример. Но, ние сме уплашена нација“, вели Николов. |