Беџети членува, ама без право на глас во Судскиот совет
Новиот министер за правда, Блерим Беџети, вчера прв пат се појави во својство на член по функција на Судскиот совет, пред кој 14 судии кои беа избрани пред еден месец, на посебна церемонија дадоа заклетва дека професионално и непристрасно ќе ја вршат својата функција.
За разлика од својот претходник Михајло Маневски, актуелниот прв човек на правосудниот ресор, само ќе учествува во работата на телото кое ги избира, унапредува и разрешува судиите, но без право на глас. Ваквите новини беа воведени по завршувањето на изборите, кога новото парламентарно мнозинство ги изгласа измените во законите за Судски совет и за Совет на јавни обвинители, со намера да се намали влијанието на извршната власт врз судската.
Новиот министер за правда, Блерим Беџети, вчера имаше средба со претседателката на Судскиот совет, Александра Зафировска, како и со претседателката на скопска Апелација, Љупка Арсениевска. (Г.Д.) |