...И уште нешто
ЗЕЛС и министрите
Претседателството на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) вчера имаше координативен состанок со министрите за транспорт и врски, за образование и наука и за локална самоуправа, Миле Јанакиески, Панче Кралев и Невзат Бејта. Разговарале за заедничкиот интерес за општините и за министерствата.
Откуп на зеленчук
Во Струмица се очекува да почне со работа првиот откупно-дистрибутивен центар за зеленчук и овошје, инвестиција на хрватската компанија Агрокор, вредна речиси 9 милиони евра. Објектот што з��фаќа површина од 8.000 метри ќе има најсовремени разладни комори и калибратори. Во финална фаза е и надворешното уредување.
Сообраќаен режим
Поради градежни работи, викендов ќе има привремен сообраќаен режим на булеварот „Св. Климент Охридски“. В сабота од 06 до 20 часот, ќе биде затворен западниот дел од коловозот од зградата „Нова Македонија“ кон булеварот „Партизански одреди“. Од 06 до 20 часот в недела затворена за сообраќај ќе биде делницата во спротивната насока.
Цар Самуил во Струмица
Македонскиот скулптор Синиша Новевски изработи биста на Цар Самуил. Тешка е околу 100 килограми, а изработена е од мермер и глина. „Бистата ја изработив по повод претстојното одбележување на илјадагодишнината од битката на Беласица во 2014 година“, вели авторот. Бистата на Цар Самуил е уште една во низата портрети.
Штип и таксистите
Такси компаниите во Штип до 1 септември треба да ги унифицираат своите возила, согласно одлуката на општината. Оливера Блажева во Одделението за сообраќај при Општина Штип вели дека голем дел од компаниите веќе ги имаат обоени возилата жолто-бели. Тоа е меѓу другото и за спречување на дивите таксисти. |