Обама даде зелено светло за 30.000 војници во Авганистан
Сега бројката на американски сили во оваа земја ќе изнесува 100.000
ВАШИНГТОН - Претседателот Обама издаде наредба за испраќање дополнителни 30.000 американски војници во Авганистан, додека се подготвуваше за вчерашното обраќање до нацијата за да и' го објасни она што е можеби една од најдефинирачките одлуки во неговото претседателствување. Обама им ја обелодени одлуката на воените команданти во неделата доцна попладнето за време на состанокот во Овалната соба и потоа го мина понеделникот телефонирајќи им на колегите од странство, вклучувајќи ги лидерите на Британија, Франција и на Русија. Роберт Гибс, портпарол на Белата куќа, одби да каже за колкав број дополнителни сили станува збор, но високи официјални претставници на администрацијата претходно излегоа со информација од околу 30.000 војници во следните неколку месеци, со што бројката на американски сили во Авганистан ќе изнесува 100.000.
Покрај претходните засилувања испратени оваа година, зајакнувањето на силите речиси тројно ќе го зголеми американското воено присуство во Авганистан, што Обама го наследи кога ја презеде функцијата и претставува огромен ризик за новиот врховен командант дека може да направи пресврт во осумгодишната војна за која неговите генерали стравуваат дека им излегува од контрола на САД. Говорот, што планира да го одржи на воената академија во Вест Поинт, ќе биде првиот тест за неговата способност да ја обедини американската јавност, која според анкетите, е се' понерасположена во врска со војната, како и неговите колеги - демократи во Конгресот кои изразија голем скептицизам за подлабоко инволвирање во Авганистан.
Гибс пред новинарите во Белата куќа изјави дека Обама во неговиот говор ќе се осврне на тоа како планира да обезбеди финансии за планот, што претставува голема грижа за неговата база - демократите и ќе стави јасно до знаење дека има временска рамка за постепено намалување на американската инволвираност во војната. „Ова не е ангажман на неодредено време“, изјави Гибс.
Претседателот Обама и неговиот авганистански колега, Хамид Карзаи вчера изутрина повеќе од еден час разговараа преку видеолинк, објави „Асошиетед прес“, цитирајќи го соопштението дадено од портпаролот на Карзаи. Администрацијата вчера го испрати својот специјален претставник за Авганистан и Пакистан, Ричард Холбрук за Брисел за да почне да ги брифира сојузниците во НАТО и во ЕУ околу политиката.
Обама поголем дел од понеделникот го мина во телефонски разговори со лидерите кои го поддржуваат во ова. Тој 40 минути разговараше со претседателот на Франција, Никола Саркози, кој сигнализираше дека Франција не е во позиција да ангажира дополнителен број војници. Во Авганистан моментално има распоредено 3.750 француски војници и 150 полицајци.
Британскиот премиер, Гордон Браун во понеделникот изјави дека Британија ќе испрати дополнителни 500 војници во Авганистан на почетокот од декември, зголемувајќи го бројот на британски сили во земјата на 10.000. Оваа најава беше внимателно координирана меѓу властите во Лондон и во Вашингтон, двете земји кои обезбедуваат најголем број војници во четириесет и тричлената коалиција што се бори во Авганистан. Браун разговараше со Обама преку видеолинк по неговото обраќање во Долниот дом. Обама, исто така, им се јави на рускиот претседател, Дмитриј Медведев, и индискиот премиер, Манмохан Синг, а во Белата куќа се сретна и со премиерот на Австралија, Кевин Руд.
Официјални претставници на администрацијата изјавија дека Обама во говорот ќе ги намали американските амбиции за темпото на обука на авганистанските војници и националната полиција, позиција што би можела да го стави на курс за судир со некои поистакнати законодавци. Тие вршат притисок за проширување и забрзување на обуката, за да дојде што поскоро денот кога авганистанските сили ќе преземат поголем дел од должностите за безбедноста во својата земја, а американските сили ќе почнат да се повлекуваат.
Во стратешка процена, генерал Мекристал побара зголемување на авганистанската армија и на националната полиција на вкупно 400.000 лица. Меѓутоа, откако првично го прифатија овој приод, претставници на администрацијата почнаа да се сомневаат, стравувајќи дека тежнението кон оваа цел ќе произведе илјадници потстандардни регрути. Официјален претставник на администрацијата изјави дека сега фокусот ќе биде на помал, но подобро обучен број сили, во најкраток можен рок. Промената беше обелоденета во понеделникот од страна на „Волстрит џурнал“.
Според новиот план, новообучените авганистански безбедносни сили ќе соработуваат со американските и со други сојузнички сили на сите нивоа. Генерал Мекристал ја предложи ова потреба во неговата процена за зголемување на квалитетот на авганистанските сили и „забрзување на нивната сопственост врз безбедноста на Авганистан“. (Њујорк тајмс) |