За ОН забраната за минариња е дискриминаторска
Намера да се заплашат странците во Швајцарија
ЖЕНЕВА - Обединетите нации ја опишаа забраната на Швајцарија за изградба на минариња како јасно дискриминаторска и длабоко раздорна, а швајцарскиот министер за надворешни работи вчера призна дека владата е многу загрижена како гласањето ќе влијае врз имиџот на државата.
Шефот на ОН за човекови права, Нави Пилај изјави дека референдумот од неделата да се забрани изградба на минариња во Швајцарија, е со цел да се заплашат странците. Критиките од Пилај, чија канцеларија се наоѓа во швајцарскиот град Женева, следеа по приговорите од муслиманските земји, европските соседи на Швајцарија и надзорните тела за човекови права, бидејќи 57,5 отсто од швајцарското население ја ратификуваше забраната.
Швајцарската влада се спротивстави на иницијативата, но се обиде да ја одбрани како акција која не е против исламот или против муслиманите, туку со цел подобра интеграција и спречување екстремизам.
„Тие се невообичаени тврдења, кога е погоден симболот на една религија“, истакна Пилај во соопштението. Таа рече дека жали што ксенофобни аргументи добиваат таква сила кај швајцарските гласачи и покрај нивната „долгорочна поддршка за фундаменталните човекови права“.
Референдумот нема влијание врз постојните четири минариња во Швајцарија или можноста на муслиманите да ја спроведуваат нивната религија. Се забрануваат само кулите што се користат за исламски повици за молитва. Меѓутоа, богатите арапски туристи можеби добро ќе размислат околу трошењето пари во Женева и во други швајцарски градови, а би можеле да страдаат и обидите на оваа неутрална земја да посредува во израелско-палестинскиот конфликт.
Вчера во Атина швајцарскиот министер за надворешни работи, Мишелин Калми-Реј изјави дека владата е загрижена поради забраната. „Многу сме загрижени поради референдумот. Реалноста на нашите општества во Европа и низ светот е дека секое ограничување на коегзистенцијата на различни култури и религии, исто така, ја загрозува нашата безбедност“, рече Калми-Реј на средбата на министрите за надворешни работи на 56-члената Организација за безбедност и соработка во Европа. „Провокацијата ризикува предизвикување друга провокација и ризикува разгорување на екстремизмот“, додаде таа.
Референдумот од неделата, поддржан од националистичките партии, ја принуди владата да ја прогласи за нелегална изградбата на нови минариња.
|