Милош Форман ќе режира опера во Белград
На сцената на Народно позориште, режисерот на „Лет над кукавичкото гнездо“ и „Амадеус“ ќе ја режира „Јенуфа“ на чешкиот композитор Леош Јаначек
Еден од најпознатите светски режисери, Милош Форман, најверојатно, ќе гостува во Белград, каде што во Народно позориште ќе ја постави операта „Јенуфа“ на чешкиот композитор Леош Јаначек. Преговорите меѓу Народно позориште и Форман почнале минатиот месец, а до иде��ата токму овој режисер да ја постави операта на Јаначек НП дошле откако неодамна се одржа премиерата на џез-операта „Добро платено шетање“ во Прага, која Форман ја постави на сцената заедно со своите двајца синови. И додека нивниот татко во 1977 година стана натурализиран државјанин на САД, близнаците Петар и Матеј живеат и работат во Прага каде што го водат светски познатиот „Патувачки театар на браќата Форман“ во чиј поднаслов на плакатите пишува, во склоп на чешкиот хумор, „театар под секое уметничко ниво“. Контактот на НП со живата легенда Милош Форман, всушност, се одвивал токму преку неговите синови.
Сепак, ова нема да биде прва средба на Милош Форман со Белград. Тој во 1932 година гостувал на белградски Фест кога одржал предавање на студенти на ФДУ и кое било испратено со френетичен аплауз.
Доколку се оствари гостувањето на Милош Форман во српската метропола, премиерата на операта од Јаначек би се случила на 15 октомври. Само да споменеме, Форман е најзначајниот претставник на новиот бран во чешката кинематографија, додека за работата во американската филмска индустрија е добитник на „Оскар“ за исклучителните филмови „Лет над кукавичкото гнездо“ и „Амадеус“.
Македонија е многу далеку во однос на практиката познати филмски и театарски режисери да гостуваат специјално за поставување оперско дело. Никогаш или можеби навистина ретко наназад во историјата на оперската уметност кај нас сопствената креација или видување за едно музичко-сценско дело ја испилиле домашните филмски и театарски режисери, а не, пак, некое светско звучно име. И покрај фактот што тие, големите режисери, биле и се повеќе се дел од културното милје на соседството, создавајќи современи, прогресивни форми на старата и традиционалната класична оперска творба, но и креации на новите оперски дела. Поради нив, се создаваат сосема нови, инвентивни оперски форми што соодветствуваат на времето кое го живееме.
Навистина е голем бројот на признати филмски режисери кои се решиле да постават и оперско дело. И тоа не е случајно ниту кај менаџерите на оперските куќи, зашто интенцијата во светот да се доближи операта и до пошироката јавност е се' поголема.
Покрај Милош Форман, за тоа се интересира и канадскиот режисер Дејвид Кроненберг, кој ќе прави оперска адаптација на познатиот научнофантастичен филм „Мува“ од 1986 година, каде што тој се јавува како режисер, а ќе ја постави на сцената на парискиот театар „Шатл“ и во Операта во Лос Анџелес. Кинескиот режисер Жанг Јимои, пак, познат од филмовите „Куќа на летачките ками“ и „Херој“, исто така, својот креативен импулс ќе го испроба и на оперската сцена и тоа во њујоршката „Метрополитен“ ќе ја постави операта „Првиот император“, која, всушност, е првата т.н. кунг-фу опера. Главната улога за ова дело му е доверена на славниот шпански тенор Пласидо Доминго, а музиката на познатиот кинески композитор Тан Дун, кој во 2000 година освои „Оскар“ за музиката во „Прикриен тигар, скриен змеј“ на Анг Ли. Вокалистот и гитаристот, односно некогашниот лидер на групата „Токинг хедс“, Дејвид Брн, направи поп-опера во њујоршкиот „Карнеги хол“, посветена на животот на бившата прва дама на Филипините, Имелда Маркос, насловена „Тука лаже љубовта“. За класичната „Манон Леско“ од Пучини, пак, ќе се ангажира Софија Копола, која ќе биде поставена во Монпелје, Франција, итн. (Т.И.) |