Мултимедијален проект на улиците и на плоштадот во Охрид
На улиците и на плоштадот во Охрид, во рамките на „Охридско лето“, денеска во 12 часот, како и во 21 часот, својот авторски проект насловен „Сувенир“ ќе го претстави италијанскиот актер и режисер Андреа Бенаљо, во продукција на Истражувачкиот театар „Ателјекончон“ од Бергамо, Италија.
„Сувенир“ е мултидисциплинарен перформанс со адаптибилна структура и флексибилна група уметници. А��торот Андреа Бенаљо вели дека во затворени и отворени простории тие може да се трансформираат, создавајќи импресивно влијание за секоја публика. Музика, танц и театар се елементите што ја чинат претставата која Бенаљо ја опишува како автентичен несекојдневен настан. Музиката која ќе биде изведена во живо потекнува од арапската и суфи-традицијата, како и современиот египетски танц, танц на отпорници и пневматски потпорници, театарски акции со маска и акробатски презентации.
Истражувачкиот театар „Ателјекончон“, пак, предводен од Андреја Бенаљо, го фокусира своето внимание на развојот на оригинална театарска практика врз основа на длабоко истражување на различни мултикултурни и мултидисциплинарни елементи. Во „Сувенир“, покрај Бенаљо, играат и Алина Фофанова, Роман Марахтанов, Горгија Гуарино и Сабина Лаги. (Т.И.) |